Одлуката на Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) да го поништи црвениот картон на дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Лени Јоро, предизвика сериозни несогласувања меѓу судиските структури во англискиот фудбал.
Јоро беше исклучен во осмата минута од дербито со Ливерпул на „Енфилд“, кое домаќините го добија со убедливи 4:0. Францускиот дефанзивец го фаулираше Александер Исак во момент кога напаѓачот се обидуваше да излезе во гол-шанса, а судијата Сем Барот процени дека станува збор за спречување очигледна можност за постигнување гол.
Манчестер Јунајтед поднесе жалба за погрешно исклучување и успеа да ја добие. Но, токму оваа одлука предизвика револт кај судиите во Премиер лигата. Според информациите на англиските медиуми, комисијата за клучни судиски одлуки (KMI) гласала со 5:0 во корист на првичната одлука на судијата и проценката на ВАР-собата дека нема основа за интервенција. Дополнително, шефот на судиската организација „Про Реф“, Хауард Веб, застана во одбрана на судиите, оценувајќи дека првичната одлука е добра.
Судиите сега бараат објаснување како независната комисија дошла до сосема спротивен заклучок, особено ако се има предвид дека и судиската анализа и ВАР-прегледот ја поддржале одлуката на теренот. Целиот случај повторно ја отвори дебатата за различните толкувања на ВАР и за недоследноста во примената на правилата во англискиот фудбал.
Јоро, во меѓувреме, е ослободен од суспензијата и ќе може да настапи на следниот првенствен натпревар против Брентфорд.

