Зад нас се уште шест средби од 3.коло од групната фаза на тековниот Мундијал. Искрено и немаше некои сензации, а и како да има ако од 48 репрезентации дури 32 одат во нокаут фазата. Познати се и првите четири од 16-те двојки во првото коло од следната фаза, во секој случај ќе биде интересно.
Денешен гостин во нашата рубрика “Коментар на денот“ е нашиот коментатор Мирсад Јонуз.
-Што направи Германија, односно селекторот Нагелсман? На неважен меч против Еквадор почна со стартниот состав наместо да одмори дел од првотимците?
„Не знам. Според мене крајно несериозен и нелогичен потег на германскиот селектор. И само поради него фудбалскиот свет не ја става Германија како ТОП фаворит за титулата, а имаат страшен тим и поединци. Што ли сакаше со тоа да направи кога го почна мечот со најдобриот состав а против себе има еден борбен Еквадор кој мораше да игра на се или ништо. Да беше некој друг на местото на Нагелсман ќе ги чуваше силите, се знаеше дека Германија е прва и оди натаму. А се знае што може да се случи, несакана повреда, црвен картон. Сите се чудат, а еве и јас. Да, има време 5-6 дена да се одморат, но сметам дека погреши. И ако веќе играше со најдобрите требаше да се победи Еквадор. Факт е дека имаше проблем во дефанзивата, немаше контрола на настаните. Од друга страна Еквадор е одлична селекција, играчите на оваа селекција просто “гризеа“ и на крај заслужено славеа и со тоа одат во нокаут фазата. Не дека ова е нешто трагедија за Германците, ама вака не се освојува титула. Да, Еквадор беше добар, ама Германците му дозволија да биде толку добар“ посочи Јонуз.
-Парагвај – Австралија беше една од најздодевните мечеви во историјата на Светските првенства…
“Си играа табла, народски кажано. И не ме изненадува тоа.Кога на две селекции им треба ваков исход за да одат натаму се знае како ќе изгледа тој натпревар. Беше здодевно, јас не знам кој може да издржи два часа покрај ТВ екраните и да гледа таков натпревар. Сепак, како што реков ништо ново. Имало вакви мечеви низ историјата на Мундијалите, ќе има и во иднина. Најважно за двете селекции е што одат во нокаут – фазата, Австралија сигурно а веројатно и Парагвај, се останато се заборава“.
-Во 1/16 финалето ќе играат Бразил – Јапонија, САД – БиХ, Холандија – Мароко…
„Ќе биде супер интересно. Прво да кажам за БиХ. Повеќе сакав Босанците да играат со Германија отколку со САД. Добро е познато како домашната селекција се форсира на вакви мечеви. “Проектирано“ е Американците да минат коло – две во нокаут – фазата и ќе им биде пеколно тешко на БиХ да ја минат оваа пречка. Сепак, нема да се предадат однапред и ќе си ја гледаат својата шанса во секој случај. Не мислам дека Холандија е фаворит со Мароко, дури и давам поголеми шанси на селекцијата од Африка да ја мине оваа пречка. А дека ќе биде спектакл во тоа никој не треба да се сомнева. Бразил против Јапонија? Се сеќавате пред некој ден реков дека е можно во 1/16 финалето да има една сензација, дека една од ТОП селекциите да не ја мине првата пречка во нокаут – фазата, па можеби тоа ќе се случи на овој меч. Јапонија никако не смее да се потцени, а целиот притисок ќе биде врз селекцијата на Карло Анчелоти. Сепак, ќе видиме“ заврши Јонуз.

