Моќната Шпанија во целост ја неутрализира Франција, потоа се беше рутина

15.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Моќната Шпанија во целост ја неутрализира Франција, потоа се беше рутина

Го имаме првиот финалист на СП 2026. Тоа е селекцијата на Шпанија која синоќа во Далас успеа со 2:0 да ја победи Франција и со тоа да се најде по вторпат во својата историја во завршниот меч на кој ќе се решава прашањето за тоа кој ќе биде светски првак.

Чекавме спектакл, но ништо од тоа. “Фуријата“ одигра маестрално, додека Франција разочара.

Свое видување за овој меч има нашиот аналитичар Мирсад Јонуз кој е гостин во нашата рубрика “Коментар на денот“.

-Што се случи вчера во Далас…

Ништо посебно не се случи, Шпанија покажа како треба и заслужено победи и се пласира во финалето. Одлично одработена работа од стручниот штаб на “Фуријата“, просто не само што ги знаеја сите слаби страни на противникот туку знаеја и како тоа да го искористат. Победи колективот измешан со индивидуалниот квалитет против само индивидуалниот квалитет. Шпанија ја искажа сета своја моќ, прво го неутрализираа противникот, ја земаа средината на теренот и потоа беше само прашање на рутина. Не беше спектакл само поради Франција, која едноставно беше немоќна, полна со фрустраци и кога почнаа да се обидуваат да солираат, да играат еден на еден, тогаш беше јасно дека “Триколорите“ нема што да бараат на овој меч. Никаква организација, никаков концепт, немаа баланс, не знаеја што да прават. А кога имаш против себе една ваква Шпанија, мирна сталожена, крајно дисциплинирана, тогаш тешко е да одиграш нешто и да ги покажеш сите свои квалитети. Франција покажа дека има и тоа како слабости, и кога играш против еден така силен тим како Шпанија, тие излегуваат на виделина“.

-Шпанија веднаш наметна доминација, иницијатива, посед…

Па, цел фудбалски свет знае и знаеше како ќе игра Шпанија.Тоа е нивниот стил од кој не се откажуваат без разлика кој е им противникот. Прашање е што правеше Франција, дали имаа Мбапе и останатите план или против игра на таквиот шпански стил? Очигледно е дека немаа. Средниот ред го немаше никаде, никаква идеја, ништо, а за тоа секако дека е виновен стручниот штаб“.

-Шпанија во финалето ќе игра против подобриот од вечерашното второ полуфинале меѓу Англија и Аргентина…

Без разлика против кого ќе игра сметам дека Шпанија ќе ја има улогата на фаворит. Сепак тоа е финале, ништо не се знае однапред. Што се однесува до самиот меч меѓу Англија и Аргентина, не очекувам спектакл, напротив. Ќе биде тоа тежок натпревар, со многу тактика, со многу дисциплина, ќе се игра строго на резултат. Кој ќе поведе со 1:0 веројатно на крајот и ќе слави“ заврши Јонуз.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата