Фудбалерите на Манчестер Сити, конечно, потсетија на шампионските денови од минатата сезона и со убедливи 4:1 го совладаа Вест Хем во денешниот дуел од 20. коло на Премиерлигата. Момците на Пеп Гвардиола успеаја по само 10 минути со голот на Савињо да дојдат во водство од 1:0, за потоа во завршницата на полувремето, Халанд по асистенција на Савињо да зголеми и на 2:0.
Во вториот дел „граѓаните“ брзо постигнаа уште два гола. Халанд со вториот гол во 55. минута зголеми на 3:0, а три минути по него, Фоден погоди и за 4:0. Гостите беа упорни и преку германскиот голгетер Филкруг само намалија на 4:1 во 71. минута.
За Сити ова беше втора врзана победа по подолг период на очајни настапи и резултати.
Челзи долго време водеше во лодонското дерби со Кристал Палас, но на крајот се задоволи само со бод. Со голот на Палмер во првото полувреме „сините“ поведоа, но упорните домашни фудбалери во вториот дел успеаја преку Матета да израмнат на 1:1.
Попладнево убедлив триумф обезбеди Брентфорд, кој со 0:5 славеше на гости кај Саутемптон. Одличните „пчели“ славеа со головите на Шаде во првото и двата гола на Мбеумо во второто полувреме. Луис-Потер во судиското продолжение зголеми на 0:4, а Виса погоди во последните секунди и за тотална катастрофа на домашните – 0:5.
Астон Вила се намачи, но дојде до победа над Лестер од 2:1, додека Борнмут минимално со 1:0 ги освои трите бода на домашен терен против Евертон.