ЛШ: Реал не издржа во Минхен, Баерн и Арсенал одат во полуфинале (ВИДЕО)

15.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЛШ: Реал не издржа во Минхен, Баерн и Арсенал одат во полуфинале (ВИДЕО)

Фудбалерите на Баерн (М) со два гола во финишот, на крајот и вторпат го победија Реал (М), овој пат на домашен терен со 4:3, резултат кој по победата од 1:2 на гостински терен го однесе баварскиот гигант во полуфиналето на Лигата на шампионите. И вечерва бевме сведоци на неверојатно прво полувреме во кое видовме дури пет гола, но одлуката за патникот меѓу четирите најдобри падна во самиот финиш на мечот.

Реал дојде во предност со голот на Арда Ѓулер во 1. минута, по една почетничка грешка на Мануел Нојер. Павловиќ брзо израмни со гол по изведен корнер во 6. минута, но Арда Ѓулер со фудбалска мајсторија од слободен удар ги доведе гостите до 1:2 во 29. минута. Хари Кејн повторно ги врати насмевките кај домашните со голот во 38. минута за 2:2. Во завршницата Мбапе стрелаше во 42. минута за 2:3.

Во вториот дел падна темпото на игра. Баерн почна поенергично да напаѓа во последните 20 минути, но клучниот момент беше вториот жолт картон кој го заработи резервистот Камавинга во 86. минута. Само две минути подоцна, одбраната на Реал како да застана, а со еден прецизен шут од далечина Луис Диаз донесе израмнување вредно полуфинале. Мајкл Олисе со голот во 94. минута само го потврди местото на Баерн во полуфиналната фаза.

Фудбалерите на Арсенал се третиот патник во полуфиналето на Лигата на шампионите. Лондончани вечерва на домашен терен одиграа 0:0 против екипата на Спортиг Лисабон и благодарение на минималната победа на првиот меч обезбедија пласлан во полуфиналето.

За „топчиите“ ова е второ последователно полуфинале, затоа што и минатата сезона стигнаа до оваа фаза и тоа по долга пауза поголема од 15 години. Лани во полуфиналето беа елиминирани од европскиот шампион ПСЖ.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата