Ливерпул шутна само двапати и на крајот излезе како победник во еден од најневеројатните натпревари одиграни во Лигата на шампионите оваа сезона. Вечерва во Париз, францускиот првак ПСЖ тотално го надигра англискиот претставник, упати неверојатни 27 удари кон голот на гостите, но на крајот прими гол во последните 5 минути и загуби на домашен терен со 0:1 во првиот осминафинален меч. Просто беше неверојатно да се гледа целата таа доминација на ПСЖ и неверојатната вечер на голманот на Ливерпул Алисон, кој успеа да одбрани 10 шута директно упатени кон неговиот гол.
ПСЖ доминираше 85 минути, ги остави лидерите во Премиерлигата без игра, но ништо не им помогна да победат. Ливерпул со многу среќа стигна до гол во 87. минута преку резервистот Елиот, по асистенција на Нуњез, и на крајот заминува со голема предност на реваншот кој ќе го игра на домашен терен.
Баерн (М) во германското дерби го „растури“ Баер (Л) со 3:0. Баварците покажаа дека сезонава се подобар тим од германскиот шампион и дојдоа до победа која уште од овој меч им ветува четвртфинале. Головите за победа на домашните ги постигнаа Кејн во 9. минута, Мусиала во 54. минута и уште еднаш Кејн, овој пат од пенал во 75. минута.
Барселона со играч помалку играше скоро цел меч во Лисабон и на крајот успеа да дојде до победа од 0:1 против Бенфика. Кубарси доби директен црвен картон во 22. минута, но тоа не ги обесхрабри Каталонците, кои мудро го одиграа мечот и дојдоа до гол во 61. минута преку Рафиња. Оваа победа им носи пол-позиција на момците на Ханси Флик пред реваншот на домашен терен.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ
ОСМИНАФИНАЛЕ – ПРВИ НАТПРЕВАРИ
Феенорд – Интер 0-2
ПСЖ – Ливерпул 0-1
Бенфика – Барселона 0-1
Баерн (М) – Баер (Л) 3-0