Фудбалските репрезентации на Италија и Хрватска обезбедија важни победи во новата рунда од квалификациите за СП 2026. Вечерва во меч од групата „И“, Италија на домашен терен славеше со 2:0 против селекцијата на Молдавија и ја оствари првата победа во квалификациите, по разочарувачкиот старт и оној убедлив пораз од Норвешка. Распадори и Камбијасо погодија за победа на „аѕурите“ кои за последен пат ги водеше Лучијано Спалети, кој по овој меч заминува од селекторското место.
Во оваа група Норвешка ја продолжи доминацијата обезбедувајќи минимален триумф од 0:1 на гостувањето кај Естонија. Голот на Халанд во 62. минута им ја обезбеди четвртата победа на скандинавците за убедливо прво место во групата.
Хрватска на домашен терен ја прегази Чешка со 5:1. Крамариќ постигна два гола, а по еден и Перишиќ, Модриќ и Будимир за втора победа на „коцкестите“ во нивниот втор меч во групата „Л“. Во оваа група Фарските Острови со пресврт во вториот дел обезбедија победа на домашен терен над Гибралтар со 2:1.