Копа Дел Реј: Во блескаво финале пехарот за Барса, солзите за Реал! (ВИДЕО)

26.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Копа Дел Реј: Во блескаво финале пехарот за Барса, солзите за Реал! (ВИДЕО)

Спектакл на “Ла Картуха“ во Севиља, во финалето на Копа Дел Реј на вечерашното Ел Класико во кое триумфираше Барселона со 3:2. Имаше од се по нешто во ова блескаво финале кое беше решено во судското продолжение во 116.минута со голот на Кунде.

Мега – спектакл во Севиља, но секогаш е така кога играат Барса и Реал Мадрид.

Барса водеше со 1:0, Реал ја сврте средбата на 1:2, за да Барса сепак победи со 3:2.

Пехарот за Барса, солзите за Реал и судиски грешки, по обичај.

Ова трета победа на Барса оваа сезона во исто толку мечеви.

Откако до 18.минута речиси и да не видовме ништо, тогаш Валверде играше со рака, ама немаше пенал за Барса, така одлучија судиите и погрешија. Барса беше подобра, домионираше во првиот дел и со голот на Педри, тоа беше вистинска “бомба“ од 10 метри во таа 28.минута за водство на Барса.

Каталонците имаа уште неколку шанси, но сепак на пауза се замина со тие 1:0 за Барса.

На почетокот од второто полувреме во игра влезе Килијан Мбапе, и веднаш направи разлика. Реал Мадрид беше опасен, создаде во тие први 5-6 минути барем три големи шанси, но сепак израмнувањето дојде во 70.минута кога Мбапе од слободен удар постигна убав гол за 1:1.

И тука Реал не запре, продолжи со нападите, речиси секој напад на Реал “мирисаше“ на гол, а тој дојде во 77.минута кога по центаршутот на Ѓулер, Чуаемни со шут со глава успеа да ја затресе мрежата на Шчесни за 1:2, за водство.

Сега Барселона беше на потег.

Јамал во 82.минута фантастично шутираше во негов стил, но Куртоа покажа зошто е еден од најдобрите голмани во светот.

Сепак во 84.минута Феран Торес успеа да ја погоди празната мрежа за израмнување на 2:2 и тоа по киксот на фалениот Куртоа.

Спектаклот продолжува.

Во 90+5.минута пенал за Барса, фаулиран беше Рафиња од Асенсио. ВАР одлучи главниот судија Беонгочеа да ја види ситуацијата, а тој си ја поништи својата одлука и немаше пенал за Барса.

Претходно сепак имаше пенал од Ридигер врз Феран Торес, но тогаш не судеше ништо и погреши.

И така ова финале отиде во продолженија.

А таму Кунде во 116.минута постигна прекрасен гол за 3:2. За победа на Барса.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата