Египетската фудбалска репрезентација се пласираше во осминафиналето на Светското првенство откако вечерва во Далас ја победи Австралија по подобро изведување на пенали. Откако во регуларниот дел мечот заврши нерешено 1:1, а по продолженијата немаше промени, Египет успеа по подобро изведување на ударите од белата точка да слави со 4:2.
Египет испиша историја со пласманот во осминафиналето, па сега ќе го чека победникот од натпреварот меѓу Аргентина и Зелено’ртски Острови, како свој ривал во следната рунда.
Египет прв постигна гол, поведувајќи со 1-0 во 13-тата минута преку Ашур. Хафез центаршутираше од десно, а Ашур беше непречен пред Бич и рутински го совлада со глава.
Во 55-тата минута, Австралија го израмни резултатот на 1:1. О’Нил центаршутираше од левата страна, а Хани ја смести топката во сопствената мрежа за 1:1.
Во пенал-серијата Саутар веднаш промаши во првата серија за Австралија, додека Сабер беше сигурен за водство на Египет од 1-0 во изведувањето на пенали. Во втората серија, Ирвин и Рабија постигнаа голови, а во третата, Мабил постигна гол за Австралија, а Салах изведе маестрална „паненка“ и го одржа Египет во водство (3:2). Потоа Херингтон промаши за Австралија, а на Египет му беше потребен само еден гол за победа, и го постигна. Прецизен беше Абделмагуид за голема радост на Африканците.

