Роберт Левандовски и покрај годините сеуште е еден од најдобрите напаѓачи во Европа и е од исклучително значење за тимот на Барселона во моментов.
Благодарение на тоа, раководството на клубот, има намера и следната година тој да има сериозна улога во тимот, па така, ќе му понуди нов договор.
Во моментов, Левандовски има енормно голема плата, која што според информациите ќе биде намалена за дури 50%, но истите ќе бидат компензирани со клаузула во договорот за учинок на постигнати голови и асистенции.
Се очекува процесот на преговори да продолжи природно, бидејќи напаѓачот многу добро ја разбира економската ситуација. Неговиот агент, Пини Захави, има одлични односи со Барселона, а исто така го застапува и самиот Флик. Играчот веќе изјави дека му треба време пред да донесе одлука за својата иднина. Клубот очекува конечен одговор да дојде кон крајот на април или почетокот на мај, за да можат сите страни да ги испланираат своите следни потези.

