Англичаните му се закануваат на Абрамович:“Парите од продажбата на Челзи да им ги уплатиш на Украинците“!

19.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Англичаните му се закануваат на Абрамович:“Парите од продажбата на Челзи да им ги уплатиш на Украинците“!
ФОТО: Chelsea Football Club/FB

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека рускиот олигарх Роман Абрамович мора веднаш да го исполни своето ветување да искористи 2.500.000.000 фунти од продажбата на фудбалскиот клуб Челзи за да им помогне на жртвите од војната во Украина или ќе се соочи со судска постапка.
Абрамович, поранешниот сопственик на Челзи, во 2022 година објави дека сите приходи од продажбата на клубот ќе бидат наменети за жртвите од руската инвазија на Украина. Сепак, средствата сè уште се замрзнати на британска банкарска сметка поради несогласувања околу тоа како треба да се распределат.

Владата на Обединетото Кралство бара парите да се користат исклучиво за хуманитарна помош за Украина, додека Абрамович инсистира средствата да бидат наменети за „сите жртви на војната“, вклучувајќи ги и руските граѓани. Иако според санкциите тој не може да располага со парите, приходите од продажбата на Челзи сè уште законски му припаѓаат нему.

Зборувајќи пред пратениците во Долниот дом, Стармер рече дека е дадена дозвола за трансфер за 2,5 милијарди фунти од продажбата на Челзи, која е замрзната од 2022 година, и го предупреди Абрамович дека „времето истекува“.
„Почитувајте ја обврската што ја дадовте и веднаш платете ги тие пари. Ако не го сторите тоа, ние сме подготвени да преземеме правни мерки за да се осигураме дека секој денар ќе оди кај оние чии животи се уништени од нелегалната војна на Владимир Путин“, рече Стармер.
Министерката за надворешни работи Ивет Купер изјави за Би-Би-Си дека Абрамович „мора да ја исполни таа обврска и да ги плати парите“, со порака дека не треба да влегува во дополнителни правни спорови. Таа потврди дека владата ќе го однесе случајот на суд ако Абрамович не се согласи со барањето.
Претставниците на Роман Абрамович одбија да коментираат за овие обвинувања.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата