Рашела Мизрахи:
„Еве речиси два месеца од комплетирањето на изборите. А во тие два месеца економијата продолжи да тоне, пандемијата се засили, апатијата и летаргијата го продолжија течението, пулсот на народот остана ист.
Додека траеше продолжението на конститутивната седница (онаа чија цел беше утврдувањето на извршната власт над законодавната, организациониот башиб озук во Собранието и секако трговијата помеѓу оние кои би тргувале со сѐ) едно остана исто, јасно и гласно – СДС и овојпат има предизборна ,,програма”, која нема допирни точки со постизборната. И како да го живееме ,,До Балчак”, се чини дека вистинската парола за нив е ,,принципот е еден, а тоа е дека нема принцип”.
А јас мислам, како една од народот, дали некој воопшто го гледа собранискиот канал и што се гледа на екраните?
Дали можеби нема потреба од гледање, затоа што кафанските муабети за сите пазарења се побрзи од било кој медиум или служба?
И така размислувам, колку ли ,,Рашели” низ целава држава без разлика на верска и национална припадност имаат грутка во стомакот мислејќи дали 14.500 денари ќе стигнат сега кога изборите завршија? Дали сега повеќе за струја значи помалку за леб?
Ќе се остане ли на работа сега кога сѐ се затвора?
Како да се гради семејство во земја презадолжена во последните три години во која постизборно почнаа да пропаѓаат и банки?
Како да се надмине стравот од искажаното мислење во хибридниот РЕ ЖИМ, за да не залепат нешто ,,лакташите”? Што ако се разболам од КОВИД-19, само да не ме однесат по тоа распаднатите ходници на клинички, од таму жив не се излегува?
Ме удри на семафор дете во Ауди, си ќутам оти количево е на старо, а детено со таква кола којзнае чие е?
Раскопаниве улици од кампања ќе чекаат друга кампања, за да се завршат. 2020-та е, а водовод и канализација уште нема на само триесетина километри од Скопје. Настава ќе има, мерки ќе се спроведуваат и онаму каде дождот капе и во училниците, ама тоалет нема…
А ние, 120 народни избраници седиме од онаа страна на екранот и треба да ги погледнеме луѓето во очи и сега и по завршувањето на мандатот. За тоа треба да се има и образ и доблест.
И ништо друго не е и важно освен: Народот!!! Во очите на народот – Со очите на народот! Само вистинска и искрена борба за народот! Македонија Вечна!!! ИЗГРЕЈ, СОНЦЕ!!!“