Могамедгаџи Нуров и Фати Вејсели се поразени уште во првите свои настапи на европското првенство во борење слободен стил кое се одржува во Рим, Италија.

Во категоријата до 97 килограми, Нуров имаше сериозен предизвик против големиот фаворит, Русинот Абдулрашид Садулаев, со кого се бореше и на Светското првенство кога го освои бронзениот медал. Иако нашиот борач почна добро и поведе со 2:0, следуваше одлична серија на одличниот Русин кој на крајот дојде до победа на поени од 8:2. По овој пораз, Нуров останува да се надева на добра серија на Садулаев, па преку репасажните борби да се пробие во некоја од следните фази.

Убедлив пораз на стартот доживеа и Фати Вејсели. Тој во категоријата до 70 килограми беше убедливо поразен со 10:0 на поени од Полјакот Магомедмурад Гаџиев во првиот дуел од осминафиналето.