Град Скопје ќе покрие до 1.200 денари од сметката за граѓаните кои ќе ангажираат оџачар

9.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Град Скопје ќе покрие до 1.200 денари од сметката за граѓаните кои ќе ангажираат оџачар

Од Град Скопје информираат дека продолжува доделувањето субвенции за чистење на оџаците, со цел намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.

За таа цел, објавен е јавниот повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Скопје за чистење оџаци за 2020 година.

„Со овој повик, Градот ќе надомести дел од трошоците за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а на јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Скопје“, информираат градските власти за јавниот повик истакнувајќи дека изминатите години субвенцијата била во износ најмногу до 1.000 денари.

Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 1 јануари годинава, a Јавниот повик трае заклучно со 30 ноември и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, до реализирање на средствата предвидени за оваа намена.

Целта на овој проект е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5).

„Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците“, велат од Град Скопје.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата