Дефинитивно едно од најтешките утра за мене во изминативе години. Се разбудив со горчина и тежина во душата, а како нема кога се ми се урна како „кула од карти“.

Со каков оптимизам го чекав дуелот со Австрија, срцето силно ми чукаше, бев сто посто сигурна дека конечно ќе ја видам вистинската Македонија. Бев убедена дека овие момци кои се најдоа на мета на бројни критики со победа ќе им ги затворат устите на сите.

По само 15. минути игра стигна ладниот туш, не сакав да верувам во тоа што го гледав. Како секој нормален новинар, навивач…се тешев дека ќе биде поинаку. Додека колегите ми дофрлаа да ја „чекирам“ картата за Скопје и да си го платам куферот (планот беше со уште неколку колеги да останеме и во втората рунда доколку Македонија се пласира) одново влегов во филм, пружав силен отпор.

Ние немаме премногу примери за враќање од бездната, па не е тешко да се погоди. Од Виена се преселив во Келн, си реков кога Вардар можеше да се врати против Барселона во полуфиналето, зошто да не може и Македонија.

Но, ова беше сосема поинаква ситуација. По одморот вардарци летаа на теренот, во буквална смисла на зборот одеа на се или нешто. „Црвено-црните“ се вистински пример за борбеност, за таа спортска дрскост…точна дефиниција на она „СРЦЕ НА ТЕРЕН“.

Не ја оспорувам желбата на ракометарите, но да ми простат, против Австрија беа успорена снимка, без идеја во нападот и анемични во одбраната.

Се прашувам каква ли тактика се подготвуваше пред овој важен дуел и кои се тие повеќе варијанти?

Како може да бидат изненадени од одлуката на противникот да игра фластер или полу-фластер на Кирил Лазаров. Па не треба да си ракометен струњак за да знаеш дека капитенот е нашето најголемо богатство и дека тој е 90% од силата на Македонија.

Веќе и врапчињата знаат дека тешко ни се пишува без Кире. Тие што треба да блеснат од засега непозната причина не излегуваат од сенката. Не знам дали е до квалитетот или нешто „мириса“ веќе со години во нашите редови. На терен повеќе гледам „дерење“, трошење на време за глупави работи отколку една вистинска меѓусебна поддршка.

Во јавноста се прозиваат две-три имиња што ме вади од „кожа“. Зошто тоа е така, навистина не знам. Нема да навлагам, ниту да се обидувам да прозивам, не сум селектор, а уште помалку специјализиран стручњак.

Убаво кажа капитенот, рано е да се даваат оценки, нека ни се оладат главите, да „легнат“ убаво овие денови во Виена.

На крајот пак доаѓам на почетната точка. Навистина ми е мака што се пакувам, ги гледам колегите од Хрватска и навистина им завидувам. Вчера дојдоа од Грац по мечот со Австрија седнавме да се видиме, неизбежна беше дебатата за нашата игра.

Не ме погодија нивните критики, колку што ме погоди една реченица.

„Столе има срце за три Македонии“, вели колегата од Хрватска, кој инаку е познато спортско новинарско име во својата земја.

Што ако има си реков кога сите заедно веќе се чекиравме. Срцата ни се распарчени на милион делови. Сега ни останува само да се сликаме оти за првпат по 22 години Македонија не успеа да ја мине групната фаза.

Овој дневник не беше планиран да заврши баш денеска. Јануарските денови резервирани за ракомет брзо летнаа и беа прекратки. Сега одново треба да се вратиме во суровата реалност, точно знаеме што не чека во Македонија. Политика, политика и само политика…која свесно или несвесно длабоко влезе во спортот, ги промени луѓето, ракометот почнаа да го гледаат низ призмата на политиката.

Жално, но вистинито. Тука ни нема спас!

Од Виена се одјавувам во стилот на нашиот капитен, Кирил Лазаров.

„Нема да се откажам од мислата дека оваа репрезентација има што да покаже, а ние што да пишуваме“.