Далеку од добро изгледаат работите за Македонија по првите 30. минути од последниот меч од групната фаза против Австрија. Домаќинот има 18:12 на полувреме, а нашите ракометари се на -8 гола од колку што им се потребни за да го продолжат престојот во Виена.

Не го отворивме полувремето според посакуваното. Ејхберг имаше три одбрани во низа, а имавме и човек помалку откако Стоилов заработи исклучување по само две минути игра. Билик ги донесе Австријците на три гола предност, 4:1 уште на отворањето.

Ја консолидиравме одбраната, Митревски запиша интервенција, потоа Кузмановски пресече напад на противникот и Македонија влезе во серија со која изедначи 4:4. Лазаров ја имаше првата шанса да му донесе предност на нашиот тим, но Ејхберг се испречи пред него.

Потоа Австрија одново се „одлепи“ на два гола, 6:4, и иако во неколку наврати Македонија имаше шанси за егал направивме премногу технички грешки и во двата правци, кои скапо не чинеа.

Се обиде одбраната да игра длабоко и да ги затвори Билик и Божовиќ, но не успеја во тоа, а многуте грешки во организацијата на нападот и загубените топки отворија простор за Вебер, да не наполни и да ја донесе Австрија до највисоки 16:10 на пет минути до крајот на првиот дел.

Ејхберг не „дотепа“ со осмата интервенција и највисоки 18:10 за Австрија, а до крајот благодарение на проблемите во реализација на домаќинот успеавме да намалиме на шест негатива, иако можеше да биде и пет, но Георгиевски не реализираше контра.