Пазарџиите против новата цена за паркинг, ПОЦ советува да се прифатат мерките

13.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пазарџиите против новата цена за паркинг, ПОЦ советува да се прифатат мерките

Пазарџиите од Зелениот пазар во Скопје утрово излегоа на протест, поради поскапувањето на цената за паркингот во Општина Центар. Протестот предизвика блокирање на сообраќајот на дел од булеварот „Кирил и Методиј“ во центарот на Скопје.

Од 8 јануари цените за еден час паркинг на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува Јавното претпријатие за јавни паркиралишта се зголемија за 20 денари.

ЈП „Паркинзи на Општина Центар” апелира до нив да ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Аутомакедонија“ како единствено добро за сите засегнати страни, особено за жителите.

„Затвореното паркиралиште „Аутомакедонија“ се наоѓа во непосредна близина на Зелен Пазар и со години наназад е преоптоварено и злоупотребувано од луѓето кои работат таму. Во изминатиов период, ЈП ПОЦ воведе неколку мерки за решавање на овој проблем односно постави нов систем за препознавање на регистарски таблички, систем со двојни рампи за контрола на пристап на возила и како последна мерка, ги зголеми цените за 1 час паркирање за да им овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови. Со поставувањето на ANPR камерите ЈП Паркинзи на Општина Центар има многу поголема контрола на злоупотребите кои се вршат на ова паркиралиште. Имено, пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластена паркинг карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеа за тешки товарни возила за кои ЈП ПОЦ, согласно Одлуката на Општина Центар каде што е дозволено товарните возила да вршат дотур на роба до 07:00 часот, веќе им овозможи бесплатен дотур на роба од 05:00 до 07:00 часот на ова паркиралиште. Затоа, ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние кои ќе вршат ваков тип на злоупотреба“ се наведува во реакцијата.

Со воведувањето на овие мерки, ЈП Паркинзи на Општина Центар вели дека ќе се стави крај на неправилностите кои се случувале со години наназад и ќе се направи ред во паркирањето, давајќи приоритет на жителите кои живеат во опфатот на паркиралиштето „Аутомакедонија“, коишто, како што се наведува, заради сите овие злоупотреби не можат да го користат паркиралиштето во близина на своите домови бидејќи секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем со паркирањето.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата