Поранешната најдобра тенисерка на светот Каролина Возњацки објави дека става крај на својата кариера по настапот на „Австралија Опен“ на почетокот на следната година.

На 29-годишната тенисерка потребно и е време и простор за да се посвети и на други работи во животот.

„Во професионалниот тенис сум од мојата 15-та година. Во тоа време доживеав неверојатно прво поглавје во мојот живот. Со 30 ВТА титули, со прво место на ВТА листата 71 недела, победа на завршниот турнир, три учества на ЛОИ, освојување на Австралија опен во 2018… Остварив се што некогаш само сонував на теренот.

Секогаш си велев себе си дека кога ќе дојде времето, ќе има работи кои сакам да ги направам и надвор од тенисот и дека имам и други работи кои сакам да ги направам и кои ќе ме водат во иднина.

Денеска објавувам дека ќе се повлечам од професионалниот тенис по Австралија Опен во јануари. Ова нема никаква врска со моето здравје и ова не е збогум. Се радувам на тоа што со вас ќе можам да го споделам искуството од некое ново возбудливо патување кое ми претстои.

На крајот сакам да им се заблагодарам на сите од срце, на фановите, на пријателите, на спонзорите, на мојот тим, особено на мојот татко како мој тренер, на мојот сопруг и на семејството за посветеноста и поддршката. Без сите вас никогаш немаше да го постигнам ова!“ – напиша Возниацки.