Македонската кауза отсекогаш ја следело проклетството на внатрешните предавства. Читајќи ги наназад спомените на автохтоните дејци на македонското ослободително дело, една од главните пораки која се провлекува од метатекстот на нивните видувања за борбата во која главен императив е ослободувањето на Македонија, се секако дијаболичните предавства од најблиските соработници.

Максимата: „Од тројца војводи, еден кодош“, претставува автентичен израз за менталитетот кој го успоруваше со декади создавањето и изградувањето на македонската држава. Македонската национална историја ги има забележано многуте Котевци, Мишевци и разно разните познати и непознати „скретничари“, кои што од злоба, а најчесто за пари, ги коселе големите титани на македонското ослободително дело.

Порано скришум, шепотејќи по дома, нашите стари ги мрмореа разните Стојановци, Трајковци и други кодоши, кои деценија за деценија, стануваа синоним со кој се испишуваа црните страници на усмената национална историја. По Втората светска војна, истиве како да се накотија, та длабоко закрилени зад безбожниот превез, со дупнати џебови и никаква позадина, создаваа кариери и имоти врз плеќите на наивните и честитите пријатели, роднини, а најчесто блиските соседи.

Големиот југословенски параван, им даваше храброст, да ги отстрелаат сите поумни, поталентирани и поголеми духом и телом, па истиве не знаејќи од каде ги снашло, паѓаа ничкум под налетот на чизмата која ги дробеше и ги параше нивните срца, нивната душа, заедно со нивните исплашени и незаштитени семејства. Овој внатрешен поредок во македонското општество, изроди генерации со скршени крилја, кои изминативе четириесет години, во голем број со нејасно чувство, но, со јасна намера, одлучија да заминат од својата земја и никогаш повеќе да не се вратат назад.

Она што беше партиска команда во едноумието, предност на полициските загари и нивните потомства да одат нагоре, за останатите, беше пекол и казна која многумина одлучија да ја износат со тоа што престанаа да се градат во македонското општество и подигнаа ѕид со кој ги заштитија своите поколенија од болката и од стравот. Зошто вредностите кои се универзални и кои ги разбира секое дете уште на седумгодишна возраст, во Македонија се мислена именка која има многу други примеси и влијанија, или со други зборови, не важат истоветно за сите!

– Овој начин на општествено битисување се пренесе и во плурализмот. Генерацијата која растеше со вестерн филмовите и со француската надреалистичка естетика, најповеќе незабележливите синови и ќерки на фабричките работници и интелектуализираната средна класа, за миг го ослободија и го завземаа просторот кој претходно беше под управа на строгата полициска контрола.

И истите, само за миг, некако се понадеваа дека е возможно да се изгради независна и демократска Македонија, со која ќе управуваат добрите, смерните и образованите.

Но, ѓаволот лежи во деталите, а низ нив некако многу набргу се провлекоа старите мотиви, пресоблечени во ново руво. Месец за месец, година за година, методите станаа исти, власта ја контролираа старите структури или нивните наследници, а државата тонеше во невкус, лошо образование и негативна селекција. За сметка на овие состојби, македонските граѓани, уште посилно ја зацврнаа својата намера и голем дел од нив заминаа надвор, оставајќи ги малкумината кои сеуште веруваме дека има начин како да се спречи комплетното распаѓање.

Оваа верба, за жал, не ја поддржуваат најголемиот дел од академската заедница, моите колеги, пријатели, кои немо и без реакција, седат на страна укочени од стравот да не ги снајде злото кое генетски го осеќаат длабоко во себе. Лекувањето започнува во оној миг кога ќе се констатира причинителот за болеста, во општествена смисла, истово треба да започне од оној момент кога најповиканите ќе разберат дека се умира само од она од што се плашиме. Оттаму, на овој канцер можеме да се спротивставиме единствено ако погледнеме без предрасуди и без калкулирање и ако заедно се спротивставиме на сите прекршувања на правниот систем. Зошто е ова важно да се знае?

– Причината е многу едноставна. Таа започнува од „ропскиот менталитет“ на архетипските егзамплари кои покажаа потенцијал да работат за туѓи интереси. Истиве се накотија до тој степен, што бедата и предавствата, а најповеќе сопствената етичка ерозија тие ги прифатија како привилегија, па гордо со дрзок поглед и змиски отров ја шират насекаде својата бесрамна енергија. Бидејќи умните молчат и длабоко во себе си се гризат, распаѓајќи ги сите логични и разумни потфати за кои не се охрабруваат да ги превземат (најчеста реплика во академските кругови во Република Македонија денес е таа дека: „се е веќе изгубено“!), за сметка на нив, малите и корумпирани предавнички предатори, ја загадуваат околината, создавајќи слика дека се недопирливи и дека никој нема право да го впери прстот и да извикне: Уа, предавници!

– Затоа до некаде ја разбирам одлуката на интелектуалците (не оние кои изникнаа со партиски или режимски дипломи, ами оние кои ги познавам и со кои долги години делевме филозофски размисли, книги, енциклопедии и добра музика), зошто не се нафаќаат до сега да се препелкаат во калта. Исто како пред стотина години, секој од нас, барем еднаш во животот се допрел до некоја недоправена величина, која недостатокот на воспитание и образование го надополнила со полтронизам, со ароганција и со бескрајна праволиниска глупост.

И навистина таквите се во суштина и најопасни, оти од нив можете да очекувате се и сешто, во секој момент од денот. Дел од нив, се добри и агилни послушници на странските служби и истите се добро издресирани да ви го направат животот таков ролер костер, што за едно освестено битие станува дегутантно и далеку од било каква логика на размислување, а камоли влетување во авантура од која не знаете, после се што им се случи на невините луѓе, дали воопшто ќе извлечете жива глава.

Токму затоа, разно разните „реформирани“ шаторизирани и длабоко подмитени агитатори, денес се погласно врескаат и ја дават нацијата во живата кал која сака да ја проголта нашата татковина. Овие гротески од само наречени патриоти, кои се расфрлаат наоколу со своите големи зборови, се ништо освен обскурно истренирани загарчиња, кои одамна ја продале душата на оној кој ги пресретнал на нивниот животен мост и кои својата безвредност за која самите се одамна свесни дека е императивен отпечаток на нивното постоење, ја валоризираат помагајќи го хаосот кој се заканува да не проголта.

Потребен е стомак да се прочита оваа вистина, потребно е отфрлање на овие маргиналци, времето доаѓа, Македонија мора да биде заштитена. Не сме сите исти, овој факт многу бргу ќе го видат сите. И иако е клише, длабоко верувам дека ќе дојде правдата и дека овој пат нема да има прошка за сето зло кое ни го сторија.

Иванка Василевска, Универзитетски професор (4 септември 2019) 

1

Најчитани вести