ОБСЕ го активираше Московскиот механизам поради наводната депортација на деца во Русија

31.03.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ОБСЕ го активираше Московскиот механизам поради наводната депортација на деца во Русија

САД заедно со 44 други земји и со поддршка на Киев, го активираа Московскиот механизам на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), со цел да се истражат наводите за присилно преместување деца во делови од територијата на Украина под руска контрола и нивна наводна депортација во Русија, соопшти Стејт департментот.

Како што се наведува, побарано е Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) да формира експертска мисија која ќе испитува дали во врска со тоа е прекршено меѓународното право, дали се извршени воени злосторства или злосторства против човештвото.

Оваа мисија, исто така, ќе има задача да ги собира, консолидира и анализира сите докази кои би можеле да се споделат со релевантните механизми за утврдување одговорност, како и со националните, регионалните или меѓународните судови или трибунали кои може да имаат надлежност.

Московскиот механизам на ОБСЕ последен пат беше активиран на 28 јули 2022 година во однос на Русија, кога тоа го побараа САД и 44 други земји.

Стејт департментот вели дека тие истраги документирале „широки прекршувања на човековите права и кршење на меѓународното хуманитарно право“ извршени од руските сили во Украина.

Московскиот механизам, усвоен во 1991 година, дава можност за членките на ОБСЕ да испратат експертски мисии за да помогнат во решавањето на одредено прашање или проблем поврзан со човековата димензија, односно човековите права и демократијата. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата