Цвијановиќ и Додик ги отфрлија предупредувањата на Блинкен

30.03.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Цвијановиќ и Додик ги отфрлија предупредувањата на Блинкен

Блинкен вчера изјави дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик, се однесува како Владимир Путин и воспоставува автократска власт во ентитетот на чие чело се наоѓа.

Додик, кој од 2017 година е под санкции на САД, бидејќи е означен како закана за стабилноста на Босна и Херцеговина и лице вмешано во корупција, со месеци наназад води вербална војна со американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи.

Минатата недела владата на Република Српска, по налог на Додик, донесе одлука сите функционери од овој ентитет да ја прекинат комуникацијата со Марфи, како и со амбасадорот на Велика Британија, Џулијан Рајли. Ова беше направено поради обвинувањата дека двајцата се мешаат во внатрешните работи на Босна и Херцеговина, но беше наведено дека,сепак, ќе продолжат да се оддржуваат односи со Вашингтон и Лондон.

И Велика Британија лани воведе санкции против Додик, а актуелната претседавачка со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која својата политичка кариера ја направи врз основа на безусловна лојалност кон Додик, влезе на списокот на лица на кои им е забранет влез во оваа островска земја.

Американскиот државен секретар Блинкен вчера на Твитер напиша на Додик дека амбасадорот Марфи ја спроведува американската политика, а не неговата, индиректно предупредувајќи дека прекинувањето на комуникацијата со него значи навреда за Вашингтон. Тој напиша и како Додик се однесува како рускиот претседател Путин, бидејќи со наметнување рестриктивни закони, насочени против слободата на медиумите, невладините организации и припадниците на ЛГБТИК популацијата, ги задушува основните човекови права и слободи.

На твитот на Блинкен прва во одбрана на партискиот лидер застана токму Цвијановиќ, која тврди дека американскиот државен секретар всушност не знае што се случува во БиХ и изнесува неточни информации и квалификации за Додик, а ја опиша американската политика кон БиХ како површна.

-Неизбалансираниот пристап на американските претставници кон БиХ, што го демонстрираше Блинкен, е дел од проблемот, а не решение за оваа земја, изјави Цвијановиќ за медиумите во Република Српска. Нејзината оценка е дека за проблемите во Босна и Херцеговина се одговорни „домашни и странски узурпатори“, а не Додик.

И самиот Додик индиректно полемизираше со американската администрација. Откако Владата на Република Српска донесе одлука да ја прекине комуникацијата со амбасадите на САД и Велика Британија, тамошните медиуми потсетуваат дека само САД досега на територијата на ентитетот пласирале помош во вредност од над 600 милиони долари.

Додик на тоа немаше смислен одговор, па денеска на Твитер објави коментар и прашање во стилот на Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.

„Подобро да не дадат ниту еден долар и да не се мешаат толку, се прашувам дали во тие 638 милиони долари е вклучен и осиромашениот ураниум што ни го пратија од небо? Дали го сметаат за инвестиција во биолошкото уништување на српскиот народ?“, напиша Додик, алудирајќи на воздушните напади на НАТО врз позициите на војската на босанските Срби кои доведоа до крајот на војната и овозможија преговори во Дејтон. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата