ПОВРЕДЕНА УЧЕНИЧКА, ПАДНАЛ ДЕЛ ОД ТАВАНОТ во средното медицинско во Битола (ФОТО)

29.03.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ПОВРЕДЕНА УЧЕНИЧКА, ПАДНАЛ ДЕЛ ОД ТАВАНОТ во средното медицинско во Битола (ФОТО)

Ученичка од битолското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ вчера била повредена откако врз неа паднал дел од таванот додека била во еден од училишните тоалети.

Од Општина Битола информираат дека ученичката е исплашена, а дека заедно со родителите е во Клиничката болница, каде што ѝ прават испитувања поради болки во раката.

Битолскиот градоначалник Тони Коњановски вчера со општинска комисија извршил увид на местото, а при увидот директорката на училиштето Наташа Илиева информирала оти тоалетите биле реконструирани пред неколку години, но дека деновиве се соочиле со проблеми и извесно прокиснување на таванот на горниот кат.

„На крајот на минатата година од страна на градоначалникот на Општина Битола беа повикани директорите на училиштата, со цел да укажат на потребите за реконструкции и интервенции што ги имаат во објектите. Од страна на директорката Илиева не беше побарана интервенција од Општината за објектот на средното медицинско училиште“,велат од Општина Битола.

Оттаму додаваат и дека градоначалникот побарал одговорност од директорката на битолското медицинско училиште поради непријавениот проблем.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата