Жена од Мисисипи е обвинета дека пукала и го убила својот сопруг за време на расправија во саботата наутро што таа ја пренесувала во живо на Фејсбук. Кадеја Мишел Браун (28) беше обвинета откако го застрелала Џереми Браун (28) во нивниот дом во округот Лоундес.
Во шокантното видео пред инцидентот жената му се пожалила на сопругот дека никогаш не е дома и дека не и помага во грижата за децата. Во еден момент расправијата прераснува во физички конфликт, а на снимката се слуша како Џереми постојано и кажува на сопругата „да ги тргне рацете од него“ и да го остави на мира, пишува Дејли Мејл.
„Не сакам да одам во затвор“
Непосредно пред да се слушне истрелот, Кадеја вика дека ќе го убие. Потоа, Кадеја и нејзината мајка, која исто така била во куќата, се слушаат како викаат и Кадеја вели: „Не сакам да одам во затвор“. Во позадина се слуша како плаче дете кое вели дека го сака тато.
Според објавите на социјалните мрежи, парот има четири деца и ја прослави годишнината од нивната врска претходно овој месец. Шерифот на округот Лоундес Еди Хокинс изјави дека на местото на настанот бил пронајден пиштол калибар 9 мм. Браун е приведена без инциденти.