Екипите на Град Скопје ја почнаа реконструкцијата на коловозот на дел од булеварот „Партизански одреди“ која е една од најфреквентните сообраќајници во градот. Градежните работи за обнова на коловозот ќе се изведуваат на потегот од крстосницата со булеварот „8. Септември“ до мостот „Обединети нации“, на должина од два километра. Поради тоа од денеска, 13 јуни, е воведен посебен сообраќаен режим.

„На овој дел од булеварот ‘Партизански одреди’ целосно ќе се замени асфалтниот слој на површина од околу 47.000 квадратни метри, а на автобуските стојалишта ќе биде изведена комплетно нова коловозна конструкција. Нашата цел е да се намали периодот во кој може да настане застој во сообраќајот. Очекуваме реконструкцијата на овој потег да заврши за околу 30 дена и за неа Град Скопје ќе потроши околу 69 милиони денари“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој потсети дека во текот на претстојното лето за реконструкција се предвидени повеќе улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје.

„Заради тоа, уште еднаш ги замолувам граѓаните за разбирање и апелирам на дневна основа да ги следат информациите за воведување привремен режим на сообраќај што ги објавува Град Скопје. Реконструираните улици се побезбедни за сите учесници во сообраќајот, а Градот Скопје во исто време работи на изнаоѓање и на алтернативни сообраќајни коридори за да се избегне метежот во иднина“, нагласи Шилегов.

Привремениот сообраќаен режим на „Партизански одреди“ ќе се воведува во неколку фази – во првата фаза ќе биде затворена крајната десна сообраќајна лента на булеварот на потегот од мостот „Обединети нации“ до крстосницата со улицата Лондонска, во насока на движење кон центарот на градот, но нема да има промена во движењето на автобусите на ЈСП.

Градот Скопје апелира до граѓаните да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.

извор: Makfax

Најчитани вести