Имено, продавач на вилата, се петте држави наследнички на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија, а вилата ја купила компанија со адреса во Њујорк.
Парите на тој начин се поделени на петте земји, а процесот на распределба на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна Југославија е воспоставен во 2016 година кога беше постигнат договор за продажба на недвижен имот.
Според Договорот, на Србија ќе ѝ припаднат 39,5 отсто, следуваат Хрватска со 23,5 отсто, Босна и Херцеговина со 15 отсто, Словенија со 14 отсто и Македонија со 8 отсто.
Титовиот дворец што беше продаден, е инаку најскапиот имот на Петтата авенија. Тој дворец е вила од варовник широк 30,5 метри, дизајниран во 1903 година од архитектите Ворен и Ветмор од познатата Централна станица на Менхетен. Во 1969 година, тој бил прогласен за индивидуално обележје на Њујорк, поради „импресивната чистота на стилот изведена со таква финеса и авторитет“.
Неговата продажба ја потврдил њујоршкиот агент за недвижнини Тристан Харпер, кој ја склучил оваа „вртоглава“ зделка.
Оваа прекрасна резиденција има 32 големи соби и 12 бањи распоредени на девет нивоа директно свртени кон Централ Парк. Спектакуларните погледи од 10 соби свртени кон паркот вклучуваат некои од најпознатите градби во Мидтаун и Вест Сајд, стари и нови. За време на Студената војна, наводно имало соба на врвот на зградата која никој не можел да ја прислушува, а имало и прозори отпорни на куршуми свртени кон Петтата авенија.
Повеќето од оригиналните детали на куќата останале недопрени до ден-денес, вклучително и две неверојатни француски таписерии од 18 век над големите кривулести скалила, 17 камини, рачно врежани балустради направени од поединечни парчиња редок италијански мермер, златни листови, рачно насликани тавани кои потсетуваат на стара Европа, облоги од древен француски замок кој подоцна биле вграден во овој простор, и два лифта.
Во 1946 година, Јосип Броз Тито, покојниот шеф на Југославија, ја купил куќата за Постојаната мисија на неговата земја во Обединетите нации.
Во 1961 година, Тито и претседателите на Египет, Гана, Индија и Индонезија подготвиле план за создавање на Движењето на неврзаните во една од главните простории на вилата.