МЗШВ: Започнува исплатата на субвенциите за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства

17.08.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МЗШВ: Започнува исплатата на субвенциите за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства

Започна исплатата на субвенциите за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства. Како што информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), досега се исплатени 329.512.000 денари субвенции за обележани грла говеда евидентирани во регистарот за одгледувалишта на говеда до близу 9.700 корисници.

-Висината на директните плаќања за говеда изнесува 2.800 денари по грло, односно 3.100 денари по грло за земјоделски стопанства со пријавен број за финансиска поддршка од минимум 10 до максимум 50 грла говеда, прецизираат од МЗШВ.

Потсетуваат дека е извршена и исплата на финансиската поддршка за презимени пчелни семејства во износ од 210 милиони денари до 5.877 пчелари кои поседуваат минимум 35 регистрирани презимени пчелни семејства.

-Висината на директните плаќања за презимени пчелни семејства изнесува 600 денари по пчелно семејство, односно 800 денари за оние земјоделски стопанства со пријавен број на пчелни семејства за финансиска поддршка од минимум 50 до максимум 100 пчелни семејства, велат од МЗШВ.

Нагласуваат дека со донесениот ребаланс на буџетот за 2022 година се обезбедени 2,7 милијарди денари финансиски средства со кои оваа година, како што посочуваат, комплетно ќе ги расчистат заостанатите обврски кон земјоделците, а ќе почне и авансната исплата на земјоделците.

-Подготвивме план и динамика за исплата кој со реализација започнува од овој месец со исплатата на субвенциите за говеда и пчели. Следуваат исплатите за овци, кози и гоеници. Согласно динамиката до крајот на годината реализирани ќе бидат сите исплати кон земјоделците. Парите се тука, обезбедени и земјоделците ќе ги добијат своите заслужени средства, порачуваат од МЗШВ.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата