„НЕ МОЖЕ САМО ВЛАДАТА ДА РЕШАВА ЗА СПОРОТ со Бугарија“

21.06.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„НЕ МОЖЕ САМО ВЛАДАТА ДА РЕШАВА ЗА СПОРОТ со Бугарија“

Не може само Владата да се занимава со овие прашања и само Владата да решава, вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики, кој вчера излезе со критичко мислење за францускиот предлог.

Таа потенцираше дека подобро е колку што е можно подоцна да се направи отворање на Уставот, оти очигледно е дека официјалната политика го има прифатено барањето за внесување на Бугарите во Преамбулата.

-Вчерашната дискусија беше за документ што го извадивме во март. Дискусијата беше закажана минатата недела пред да знаеме дека ќе има француски предлог. На дебатата беа поканети личности кои имаат различни мислења и ставови. Здраво е за општеството да се дебатира, но ставот на Институот изнесен во нашиот документ е дека прерани измени на Уставот не се добри, рече таа.

Кацарска додаде дека  ЕК нема експертиза за малцински прашања, со тие прашања се занимава Советот на Европа.

– Договорите на Унијата не се однесуваат на доменот на малцинските прашања, што не значи дека немаат експерти, појаснува Кацарска и додава дека сѐ додека Бугарија е клучен актер на масата ние ќе имаме проблем на оваа тема.

Според Кацарска, има простор за дејствување на Владата да изнесе кои се нашите црвени линии и што понатаму.

-Проблемот со Украина сега е во преден план на Унијата и очигледно европската тројка понудила членство на Украина во Унијата, но тоа не значи дека нашиот маневарски простор е завршен, вели Кацарска.

За ставовите дека треба да се прекинат овие разговори и итно да се разговара во Собранието за овие предлози, Кацарска вели дека улогата на Собранието е да го прави тоа, а освен тоа во Собранието треба да биде обезбедено двотретинско мнозинство за воопшто да се отвори Уставот

Таа вели дека има неколку начини за водење на преговорите, а дека невладините организации се лишени од информации од македонската страна туку информации се добиваат од бугарската страна.

-Преку нашата преговарачка рамка сакаме да се ограничи можноста на Бугарија постојано да ги менува позициите во иднина, вели Кацарска за Утрински брифинг и додава дека граѓанските организации сакаат да ги споделат со јавноста ризиците што можат да се појават.

-Веќе е полујасно дека ЕУ ќе им даде кандидатски статус на Украина и Молдавија, но има и земји од ЕУ кои не се расположени да се случи тоа без да му се даде истото и на Западен Балкан. Ние во следните пет години треба да очекуваме несигурност, вели Кацарска.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата