Со власта на СДСМ и ДУИ на Македонија и се случува масовен егзодус. Согласно податоците на државниот завод за статистика, кои никој од власта не ги негира, се случува фрапантен пад на бројот на вработени, пад на бројот на активно население и пад на бројот на работоспособни лица во периодот од последниот квартал во 2021-ва и првиот квартал од 2022 година, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потенцираат дека за само неколку месеци Македонија загубила 214.514 работоспособни луѓе, односно од 1.681.863 работоспособни во Македонија во IV квартал во 2021, сега во I квартал 2022 има 1.467.349 лица
– Според статистика – од активно население, последниот квартал лани имало 937.482 лица коишто се водат за активни, односно 795.276 вработени, а веќе до март годинава, 811.197 активни, од коишто 691.498 вработени. Или 103.778 помалку вработени. За неколку месеци од крајот на 2021-ва до почетокот на 2022 година се случува масовно иселување, 214 илјади помалку работоспособни во Македонија, односно 130 илјади помалку активно население, односно 103 илјади помалку вработени, потенцираат од партијата.
Оттаму истакнуваат дека економијата е во колапс, стотици илјади граѓаните поради сиромаштија ја напуштаат државата.
– СДСМ и ДУИ ја уништуваат Македонија. Премногу е! Придружете се на протест за промени, 18-ти јуни, во 20 часот пред Владата, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.