Од почетокот на оваа година, наводно, шест руски олигарси биле пронајдени мртви под неразјаснети околности, за кои американскиот експерт Џон О’Нил тврди дека наводно се дело на Кремљ и Владимир Путин.
Утврдено е дека многу од овие убиства се самоубиства, но О’Нил тврди дека овие случаи се наводно класичен пример за пресметка, што Сталин ја користел и во СССР. Тој тврди дека Путин се обидува да испрати порака со овие наводни самоубиства и труења. Тој смета дека зад нив стои руската единица 29155, која е дел од руската разузнавачка агенција, пишува Мирор.
Последното во низата од овие сомнителни убиства се случи пред две недели кога двајца олигарси и нивните сопруги и деца беа пронајдени мртви со разлика од еден ден.
Сергеј Протошења, поранешен заменик-претседател на компанијата „Новатек“ е пронајден обесен во својот двор од вилата во Коста Брава, а до него наводно била пронајдена крвава секира и нож.
Неговата ќерка и сопруга биле пронајдени во куќата со повеќе убодни рани. По оваа трагедија, синот на Сергеј, Федор изјавил дека неговиот татко не бил убиец и дека никогаш нема да му наштети на семејството.
– Ја сакаше мајка ми, а особено сестра ми Марија. Таа беше неговата принцеза, тој никогаш не би направил нешто што може да им наштети. Не знам што се случи таа вечер, но знам дека татко ми не им наштети – рекол Федор, пренесува Мирор.
Следниот ден се појави веста дека поранешниот претседател на „Гаспром банка“ е пронајден мртов во неговиот стан во Москва. Тој наводно имал прострелна рана во телото.
Она што на сите им беше чудно е што ниту еден од нив не се најде на списокот со санкции што ги воведоа западните земји по почетокот на конфликтот во Украина. Експертите сметаат дека сите овие смртни случаи се всушност убиства, кои наводно биле исценирани за да изгледаат како семејно насилство или самоубиство.
Целата „акција“ започна на 30 јануари годинава, кога беше пронајден мртов поранешниот извршен директор на Гаспром, Леонид Шулман, а наводно се работи за самоубиство.
Еден месец подоцна, на истото место беше пронајден мртов уште еден висок директор на Гаспром. Александар Тјулаков беше пронајден мртов во својата гаража на 25 февруари, а до телото беше напишана и проштална порака.
Само три дена подоцна, Мајкл Ватфорд, познат нафтен и гасен тајкун, беше пронајден обесен во гаражата на неговата вила во Сари, Англија, оставајќи зад себе три деца.
Подобра судбина не го чекаше милијардерот Василиј Милников, кој беше пронајден мртов заедно со семејството во Новгород на крајот на март. Сопругата и двата сина биле пронајдени избодени, а во официјалниот извештај пишувало дека Милинков прво ги убил членовите на своето семејство, а потоа себеси.
Андрес Аслунд, автор на книгата „Руска хроника на капитализмот“, во изјава за Њујорк пост рече дека смртта на овие олигарси го потсетува на оние извршени по наредба на Кремљ.
Тој додаде дека дознал оти руската тајна служба наводно направила список на крајот на минатата и на почетокот на оваа година со имиња на лидери во енергетскиот сектор, бидејќи сметаат дека некои од нив наводно објавиле информации за нападот на Русија врз Украина.
– Федералната служба за безбедност му го предала списокот на Путин и тој одобрил ликвидација на сите, без воопшто да го погледне – тврди тој, иако во ниту еден момент не понудил докази кои би го потврдиле тоа.
Андрес на крајот додаде дека Путин наводно најголемиот дел од своите операции ги финансира преку Гаспром и Гаспромбанк, а лидерите во тие компании знаат сè за овие наводно тајно финансирање.