Градоначалникот на збратимениот Нирнберг во посета на Скопје

13.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Градоначалникот на збратимениот Нирнберг во посета на Скопје

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, оствари средба со делегација од збратимениот германски град Нирнберг, предводена од градоначалникот Улрих Мали.

Како што информираат од Град Скопје, станува збор за повратна средба на градоначалникот Мали, откако минатата година Шилегов беше во дводневна работна посета на Нирнберг каде што Скопје учествуваше на 14-от Безграничен фестивал на збратимени градови.

На денешната средба градоначалниците дискутирале за досегашната соработка меѓу двата збратимени града и истата ја оцениле како одлична, со голем број реализирани проекти и активности во областа на културата, младинската и спортската размена, противпожарната заштита и животната средина.

„Делегацијата од Нирнберг денеска присуствуваа и на официјалното доделување на донација на градинката ‘8 Април’ во Општина Шуто Оризари, а подоцна делегацијата треба да ја посети и канцеларијата на ‘Урбана лабораторија на Скопје’ (Skopje Urban Living Lab) во Старата скопска чаршија, која е отворена во рамките на европскиот проект ‘РОК’ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (ROCK)“, информираат градските власти.

Соработката меѓу Скопје и Нирнберг датира од 1963 година, кога овој град се вклучи во помошта за Скопје по катастрофалниот земјотрес, додека официјалното потпишување на договорот за збратимување на Скопје и Нирнберг се случи во 1982 година.

 

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата