Во доба на виртуелна љубов, со раздрмана почит меѓу половите и комплетно изместени стандарди за заедница, освен потребата за Прелепотици, се појавува и потреба за Шизици. Ме искараа дека зошто само на девојките им се обраќам, и со право, комплетно сум немодерна со дискриминацијава.

Затоа драги мои Шизици, вие сте на ред.

Шизик е дечко кој што живее сам. Не зависи од Мама на 30 години, не чека на Мама да го испере, испегла или пак да му зготви. Не е роден директор, баш напротив, прав Шизик знае што значи да имаш амбиција, и покрај тоа што не си имал совршени услови во животот.

Се труди да ја постигне својата цел, а тоа не е сепаре во локална дискотека со десет оштетени старлети застанати покрај него, туку создавање на дом, заедница, исполнет со љубов и почит. Да, излегува заедно со својата Прелепотица, или пак без неа, но нема потреба да ги фрла клучевите од најновото бемве на маса, ниту пак да се пика по вециња во потрага по прашок за перење.

Не се плаши од Љубов, не се плаши од загуба, сакал, бил повреден и јасно му е дека сето тоа е дел од животот. Сака пак, се додека не ја најде онаа Прелепотица со која ќе сака да го пие првото утринско кафе до крајот на животот. Знае дека ништо не е лесно, поминал многу, но не обвинува никого за своите проблеми, се соочува со реалноста и секојдневието и продолжува напред.

Не ги навредува девојките, знае дека сите сме различни. Ја почитува својата мајка, го почитува својот татко, без разлика какво било неговото детство, знае дека еден ден тој ќе биде родител и ќе треба да им покаже на неговите деца што е Љубов.

Не се плаши од времето, знае што е разумен компромис, и знае да сака. Не мора да сака животни, но не ги повредува, нема потреба, ги почитува постарите, воспитан е. Не мора од дома, сите ние во животов се воспитуваме сами, без разлика каква е основата. Понатаму се е до нас.

Знае да биде и шармантен и романтичен, кокетира, но не флертува. Знае дека личната едукација е поважна од општо образование, свесен е дека со информација се освојува светот.

И да реален е, постојат Шизици во светов, така да Прелепотици мои ваше е само да ги препознаете. Да го пронајдете вашиот Шизик, или да дозволите тој да ве пронајде вас, за да ја почувтвувате таа безрезервна несебична љубов за која секој од нас сонува.

Дајте им шанса на сите, никогаш не се знае со кого може да ви кликне. Возрасни и зрели Прелепотици и Шизици се свесни дека не може сите да сме исти, постојат страшни разлики помеѓу сите индивидуи на светов, ваше е како ќе ја претворите магијата на Љубовта во реалност и ќе оставите да кликне. Понатаму жлеб со жлеб сам се мести, како совршен швајцарски часовник, односот помеѓу двајца кои се среќни сами со себе, со текот на времето само се усовршува.

Јас сум Ивана Кнез, мојот Шизик е таму некаде, чека со нетрпение да ги совладам сите будалаштини, да го организирам моето време, и целото слободно да му го подарам нему, заедно со моето срце. Денес на сите вас ви посакувам само еден клик, што менува судбини и животи, и ќе ве направи комплетна личност.

Ивана Кнез