МЗТ Скопје и Работнички приредија одлична кошаркарска претстава, исполнета со пресврти и неизвесност. А градското дерби број 154. им припадна на кошаркарите од „Градски парк“ кои славеа со 74-75 во заостанат меч од 12. коло во Првата лига. Ова беше шеста победа во низа за „црвено-белите“.
До петата минута беше изедначено (9-9), домаќинот со серија од 9-0 поведе со 18-9. Во првата четвртина Олуџоби постигна десет поени, беше нерешлива енигма за противникот.
Набрзо на стартот на вториот период МЗТ Скопје дојде на двоцифрени (25-13), највисоката предност беше 13 поени (28-15). Младеновиќ и Тортон го вратија Работнички во игра, тимот од „Градски парк“ намали на 39-38. Со иста негатива гостите на полувремето намалија на 41-40, благодарение на поени на Бундовиќ.
Во 25. минута со тројката на Бундовиќ, Работнички за првпат на оваа средба поведе (49-50). Минута и пол подоцна, Младеновиќ со пет поени во низа и Младеновски зголемија на 51-57. Избраниците на Димитар Мираковски во последните десет минути влегоа со позитива од четири поени (60-64).
МЗТ со 11-2 ја отвори последната четвртина, поведе со 71-66 на пет минту до крајот. По последните плус пет (74-69), Работнички се разбуди, особено во одбраната, Питс со три поени (едно промашено слободно) намали на 74-72. Домаќинот не искористи напад, останаа 29. секунди. Мулалиќ со тројка ја врати предноста (74-75), МЗТ не искористи напад за израмнување.
sportmedia.mk