Досега е малку познат и наведуван податокот дека еден скопјанец, висок турски великодостојник, учествувал во освојувањето на Цариград и во падот на Византија во 1453 година.

Бидејќи настанот се случил кон средината на 15 век, треба да се анализираат историските податоци за да се види кој во тоа време владеел со Скопје и заповедал со неговата војска. Таа чест и моќ ја имал никој друг туку познатиот Гази Иса-бег, чија џамија постои и денес. Тој живеел и управувал со Скопје токму во периодот кога се случила битката за Цариград.

Тој исто така ги проширил освојувањата на север, кон Босна. Неговата генеалогија најцелосно ја даваат Лидија Богоевиќ-Кумбараџи и некои од истражувачите од меѓувоениот период.

Гази Иса-бег бил третиот управител на Скопје, односно краишки војвода (такви титули османлиите им доделувале на управителите во новоосвоените краеви). Првиот бил неговиот дедо, освојувачот на Скопје Игит-паша, а вториот е неговиот татко Исхак-бег. Иса-бег бил високопочитуван од двајцата султани што владееле во неговото време.

Тоа се султаните Мурат Втори и Мехмед Втори Освојувачот. Мехмед Втори Фатих дошол на престолот во 1451 година, а две години подоцна, 1453, се случила битката за Цариград. Мехмед Освојувачот стапил на престолот само со 19 години, со големи идеи да го освои светот. До почетокот на 15 век, османлиските освојувања допирале само до Скопје. Скопје било границата (затоа тука биле стационирани голем број топови, во Топ-хане, куќата на топовите), подоцна познатата Топхаана.

Освен кај истражувачите и стручните лица, во нашата јавност малку е познато дека Гази Иса-бег е основач на градот Сараево, но и на Нови Пазар, кога освојувањата на север започнале во 15 век. И таткото Исхак, и синот Иса, освен што се управители на Скопје, тие се и негови значајни градители: со името на Иса-бег се поврзуваат градбите на „Капан-ан“, „Чифте-амамот“ и други. Тој е градител во Скопје на една од најпознатите медреси и најголеми библиотеки во тогашниот исламски свет, со богат книжевен фонд.

Таа, за жал, изгорела во пожарот во времето на Пиколмини од 1689 година. Славниот град и надалеку познато Сараево, го подигнал Иса-бег во 1461 година, врз темелите на постаро населено место (Врхбосне). Наскоро, во 1462 година, тој ја изградил познатата Царска џамија, а се смета дека во нејзината близина се наоѓа и неговиот гроб.

Особено е важен податокот дека при нападот на Цариград била мобилизирана целата расположива војска во Османлиското Царство. Сосема било подразбирливо во таа мобилизација со свои борци и трупи да учествувал и скопјанецот Иса-бег, кој бил особено ценет од новиот султан, уживајќи огромни привилегии и материјални добра. Кои се спецификите и како била организирана војската, која од нашите краишта учествувала во падот на Цариград и Византија?

Анализирајќи повеќе историски податоци, може со голема сигурност да се утврди на кои позиции се борел скопјанецот Иса-бег (се спомнува и како Еса-бег) при заземањето на Цариград заедно со преостанатите борци. Под ѕидините на византискиот град османлиите поседувале војска од 100.000, а според некои извори дури и 200.000 илјади борци.

Тие имале надмоќ и во поморските битки според бројот на бродовите. Во османлиските трупи имало четворица главни заповедници што командувале со војската. Речиси во сите историски извештаи за таа битка, секогаш прв се спомнува командантот на европскиот дел од војската, заповедникот на трупите што доаѓале од Румелија. Во нив спаѓале и оние од Македонија односно од Скопје на Гази Иса-бег. Главниот командант на овие европски, односно румелиски сили бил познатиот Караџа-паша.

Пред почетокот на битката за Цариград се случил интересен настан. Еден од најпознатите изработувачи на топови во тоа време, Унгарецот Орбан, пребегал кај Турците. Султанот му наредил да излие топ со огромни димензии, кој дотогаш не бил виден, бидејќи само така можеле да бидат урнати цврстите бедеми на Цариград. Топот бил излеан, а биле потребни 50 пара вола за да го кренат.

Огромниот топ го опслужувале над 700 луѓе. Византиската одбрана на градот била многу слаба, имале само околу 7.000 бранители, а со одбраната раководел последниот византиски цар Константин Драгаш. На помош на Византијците дошле борци од Џенова и од Венеција, Златниот Рог бил бранет од нивните морнари, но сето тоа било недоволно.

Турците направиле подвиг пренесувајќи 70 брода преку копно за да го освојат Златниот Рог. Било планирано копнените трупи на Караџа-паша, во чии рамки дејствувала војската на Иса-бег, да се соочат со трупите на Млетците, кои ги предводел Гиљермо Миното. Млетците имале задача да ги штитат Теодосиевите и Влахернските бедеми како стратегиско место.

Битката започнала на 2 април 1453 година, а веќе на 5 април пристигнал лично и султанот Мехмед Втори Освојувачот. Европските, односно румелиските сили ги напаѓале споменатите бедеми, што значи дека тие се наоѓале во самиот центар на битката за Цариград. Нападот на бедемите бил извршен ноќта на 12 мај. Тие биле повикани да ги поткопаат бедемите и да направат тунели.

Цариград бил освоен, а настанот се случил на 29 мај на Велигден 1453 година. Мехмед Втори Фатих подоцна престојувал во Скопје при своите походи кон север за кои особени заслуги имал и Иса-бег со предлозите и сугестиите упатени до султанот. Џамијата на Иса-бег во Скопје е изградена посмртно како негово завештание, во 1475/6 година, и таа денес е единствената џамија во градот со две куполи.

Данило Коцевски