Е.Пелистер се врати во Битола по престојот во Хрватска, каде одигра три пријателски натпревари, на кои пак забележа две победи и еден пораз.

Стратегот на битолскиот тим, Жељко Бабиќ направи мини-анализа на досегашниот тек од подготовките пред стартот на вториот дел од сезоната, во која го чекаат тешки битки на неколку полиња.

„Ракометарите одлично се ангажираа деновиве. Во текот на сите натпревари покажавме задоволителен интензитет. Задоволен сум, иако ни недостасуваше реализација. Очекувам во наредните 10-15 дена да играме во подобра форма. Тоа е очекувано, со оглед на големата пауза. Исто така ни фалат неколку играчи, кои беа дел од репрезентацијата. Верувам дека за првиот дуел во пролетната полусезона во СЕХА лигата ќе бидеме комплетни. Се надевам дека ќе започнеме успешно. Добро се презентиравме на овие натпревари против силни противници. Одличен потег беше да се дојде тука во Хрватска“, вели Бабиќ.

На контролите шанса добија ракометарите кои не добиваат голема минутажа, Бабиќ посебно го истакна настапот на Дејан Кукуловски.

„Им дадовме шанса на ракометарите кои играа помалку и тие добро се претставија. Посебно, сакам да го потенцирам настапот на Кукуловски. Покажа дека е голем потенцијал и Еурофарм Пелистер заврши голема работа што го доведе во клубот. Очекувам во текот на сезоната да го развие својот потенцијал и еден ден да дојде во македонската репрезентација“.