ООУ „Киро Глигоров“ во потесен избор за наградата на ЕУ за современа архитектура

4.01.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ООУ „Киро Глигоров“ во потесен избор за наградата на ЕУ за современа архитектура

Општинското основно училиште „Киро Глигоров“ влезе во потесен избор за наградата на Европската Унија за современа архитектура, Мис ван дер Рое за 2022 година (EU mies award).

„ Ми претставува особена гордост и задоволство што нашето најубаво и најмодерно основно училиште, „Киро Глигоров“ влезе во потесен круг за наградата на ЕУ за современа архитектура, Мис, за 2022 година. Оваа номинација е големо меѓународно признание за ООУ „Киро Глигоров“ и уште една потврда за нашата посветеност на работата“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Наградата на ЕУ за современа архитектура, воспоставена во 1987 година како еднакво партнерство помеѓу Европската комисија, Европскиот парламент и фондацијата Мис ван дер Рое, се одржува на секои две години и ги избира најдобрите од кругот на најквалитетните современи архитектонски дела во Европа.

ООУ „Киро Глигоров“ е првото основно училиште изградено во Општина Центар по 5 децении.

Училиштето се простира на вкупна површина од 16.200 м2 (12.100 м2 училишна зграда и 4.100 м2 дворна површина), изработено е по сите светски современи стандарди и при неговата изградба се користени најквалитетни материјали.

Автор на идејното решение за ООУ „Киро Глигоров“ е архитектот Бесиан Мехмети д.и.а., координатор на проектот, Кире Секуловски д.г.и., изведувач на градбата е „Вардар Градба“, надзорот врз градбата го вршеше „Завод за испитување на материјали“ (ЗИМ) Скопје, а градено е врз основа на проектот на тимот од „Инком Инженеринг“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата