Боби Целески (23), нашиот млад голман, потпиша нов договор со Теута, клуб од Албанија кој минатата сезона го освои Купот и Супер Купот во својата земја. Целески во Теута е од јули 2018 година, деновиве му заврши двегодишниот договор, а раководството на еден од најдобрите албански клубови се реши да му понуди нов. Усливите беа добри за Целески и тој се обврза и во наредната сезона да ги брани боите на Теута. Во Теута е и Баже Тодоровски, кој исто така ја продолжи верноста со клубот за уште една година.

Целески во минатата сезона за Теута бранеше најмногу во Купот, а беше на голот и на последните натпревари во првенството. Се очекува наредната сезона да добие уште поголема минутажа.

Инаку Боби е син на нашиот легендарен голман Данчо Целески, кој пред 25 години бранеше за нашата најдобра репрезентација.

Кога сме кај Целески јуниор да кажеме дека тој во својата куса кариера, со оглед на својата младост, пред Теута беше член на Македонија ЃП и Гросето (Италија).