Русјаков

Жал ми е само за децата

22.08.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Жал ми е само за децата

Навистина, жал ми е само за децата.
Ние, возрасните, не сме за жалење. Големата слика не е во наша корист. Не можеме да се пофалиме дека околу нас сме направиле пријатно место за живеење. Напротив. Големата слика покажува огромни аномалии. Предизвикани токму од нашето однесување. Се согласувам со дефиницијата за човекот искажана од вонземјаните во „Матрикс“, кои го држат светот окупиран. Дека сме најсмртоносниот вирус за оваа прекрасна планета. Дека, секако, ќе ја уништиме.

Затоа, жал ми е само за децата.
Невиноста на нивните лица не заслужува да доживее вака сурова трансформација. Не заслужува да се претвори во изморена зрелост. Мечтателскиот поглед во детските очи не смее да се наполни со неподнослив умор. Ама, ете, ако продолжи вака духот на времето, ќе се случи тоа. Не сакам детството да им се претвори во старост. Во неизживеана зрелост. Во младост без луди фантазии.
Затоа, жал ми е само за децата.

Ако погледнеме во каква духовна состојба сме ние возрасните и како таа наша падната природа се рефлектира на околината, некако нормално звучи дека мора да сме затворени за да не предизвикаме поголема штета. Затворени, заклучени, оддалечени едни од други, отуѓени… ништо подобро не заслужуваме. 

Оти ја распнавме тишината меѓу две кампањи за војна. Живееме во реклами среде кои ја озборуваме туѓата интима. Наша животна енергија се гордоста и злорадоста. Ја пиеме туѓата несреќа како еликсир за подмладување. Емотивно осакатени, туѓите секс-скандали се нашиот љубовен живот. На закрвените очи имаме нишани, посакувана смрт за неистомисленици. Ја направивме планетава затвор и контејнер, истовремено. И среде таа смрдлива затвореност ние шириме реа на завист, омраза и гнев. Не и децата.

Жал ми е само за децата.
Сеедно што немам свои деца. Децата на пријателите и на соседите, ми дале доволно љубов и насмевки за да ми е жал ако нивните лица се претворат во маски на возрасни. Оти полека натаму одиме. Врз нивното детство на сила да им ги ставиме нашите лицемерни маски.
Жал ми е само за децата.

Ние, такви какви сме, ништо добро и не заслужуваме. Ете, моќта и злото врз нас ги вршат своите изопачени експерименти. Нашите души се ставени во глобални лаборатории. И што ако? Ние заслужуваме изопаченоста да експериментира со нас. Затоа што и самите сме изопачени. Се радуваме на таа изопачена моќ, ѝ веруваме, ја поддржуваме, воспеваме, идеализираме, принесуваме идолопоклонички жртви под нејзините нозе… зошто тогаш се чудиме ако таа одлучила и нас да нè гази? Да нè затвори, да нè оддалечи, да нè третира како заморчиња. Ние и онака едни кон други се приближуваме само за да си плукнеме в лице или да си забиеме нож в грб.
Затоа, жал ми е само за децата.
И нив ли сакаме да ги изопачиме? Ние, лицемерни и злорадосни, дали сакаме предвреме да ги остареме? Ние, отуѓени и суетни, сакаме ли и децата да ги осакатиме? Сега некој ќе рече дека децата се веќе осакатени и отуѓени, оти главите и онака по цел ден им се напикани во мобилни телефони. Еве, да речеме дека е така, иако не се согласувам сосема, ама па зарем треба да им се помогне во сето тоа засилувајќи ги мерките? Јас, под мојот прозорец, ја имам радоста секојдневно да слушам детска врева. Оти под прозорец, парк ми е, двор ми е. Секако, лето е, на распуст се. Ќе престанат ли децата многу скоро да му се радуваат на распустот?

Жал ми е само за децата.
Ние, возрасните, многу интересни епитети си даваме на себе. Зрели, мудри, рационални, прагматични, практични, сериозни, загрижени, разумни. Многу сакаме да се китиме со перја што не ни стојат. А всушност сме искубани кокошки. Безглаво трчаме наваму натаму во трката за профит. Оти времето е пари, нели? А и епитетиве, ептен добро ни стојат. Спремни сме да ги прошетаме низ модната писта на нашата лична гротеска. Толку сме зрели што скапавме ферментирајќи просечност, ама ја претставуваме за спешл селекшн. 

Глумиме мудреци, ама ја поплукавме сета древна мудрост, а хуморот го прогласивме за говор на омраза. Крајно рационални, наскоро ќе го забраниме и мечтаењето. Ја употребивме нашата прагматичност и планетата ја претворивме во бордел. Од практични причини ја силуваме земјата со ГМО-семиња, нуклеарен отпад и проектили земја – воздух – смрт. Толку сме сериозни што мора да ја убиеме насмевката кај ближниот. Загрижени за иднината проектираме научна фантастика, ама сегашноста ни е хорор-филм. И, секако, толку сме разумни што безумието ни е дом. И удобно ни е во него.

Жал ми е само за децата.
Како да се радуваат на тој чудесен летен распуст, ако цела година им е распуст? Па тие веќе нема каде да побегнат од нашите епитети. Оти таму некаде, далеку од нас возрасните, децата не учат само за аргентински крави, празни множества и агрегатни состојби. Таму, далеку од нашата здодевна сериозност, се плетенките на онаа синоока Ана. И уште, таму е оној мангуп Бојан, кој цело време се прави важен додека си шепка со Светле и не гледа како Миа го голта со своите самовилски очи. 

Таму, далеку од нашата рационалност, се добиваат првите модринки на срцето, а тагата и несреќата поминуваат како ранички на колена. Таму се составуваат првите банди и дружини. Таму се цртаат скршени срца, се открива првата восхитувачка љубов, пеперутките во стомакот и лицето на симпатијата што се појавува во соништата. Ете, таму се градат мечтите, а без сите тие паѓања и станувања детските срца прерано стареат.

Затоа, жал ми е само за децата.
Знам дека не сум родител. И не сакам да им се мешам на родителите во мудроста, рационалноста и загриженоста. Ниту колумнава ми е со намера да учествувам во дебатата, дали среде глобалниов експеримент децата треба да одат на училиште или да седат дома. Го разбирам стравот на родителите. Само не разбирам како не се плашат од последиците од тој страв. Ама тоа не е моја работа. 

И не заземам страна. Како ќе се договорите, така нека биде. Не се мешам. Не ме интересира. Јас само сакам да предупредам. Светот затворен во карантин извади многу психопати на површина. Тоа воопшто не ме зачуди. Јас имам генерално одвратно мислење за оваа цивилизација, човештвото и неговата мудрост, прагматичност и рационалност. Мене жал ми е само за децата. Да не станат возрасни и пред да пораснат. А тоа е толку грдо и опасно.

(Александар Русјаков, Нова Македонија)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата