Посебниот советник на претседателот на Владата за евроатлански интеграции Бојан Маричиќ не е оптимист дека Македонија ќе успее да ги добие, односно да ги потроши сите три милијарди евра, како максималната сума  испрограмирана во рамките на новиот буџет на ЕУ за третата генерација на претпристапна помош ИПА 3 

СДСМ вчера соопшти дека на Северна Македонија ќе и бидат достапни речиси 3 милијарди евра за овој седумгодишен период, но главниот технички преговарач со ЕУ денеска во „Утрински брифинг“ вели дека државата кандидатка треба да биде спремна за зрели проекти.

- Она што како бројка е битно е дека има скоро 12,6 милијарди за целиот регион. Таа е единствената бројка која е сигурна и однапред дефинирана. Бројката од 3 милијарди евра е достижна доколку навистина се надминеме во имплементирање на проектите. Нашата досегашна бројка или перформанс е меѓу 80 или 100 милиони евра годишно искористување на европски пари. Во овој момент се дефинирани или се додефинираат проектите кои што ќе се финансираат и парите кои што се програмираат во наредните 7 години, рече Маричиќ.

Тој наведе дека овие средства ќе бидат наменети за инвестирање во транспорт и инфраструктура, земјоделие, животна средина, правда и реформи во правосудството и други области кои се дефинирани и додаде дека доколку се покаже успех во имплементација на овие проекти и доколку се искористат максимално средствата достапни до регионалната ИПА можеме да дојдеме до милијардите кои што се споменуваат, но тие не се однапред гарантирани и зацртани.

- Средствата се за егзактни цели и домашни потреби. Како пример ќе дадам пречистителната станица во Скопје, справувањето со диви отпади во државата, значи има конкретни цели кои се во функција на домашните потреби поврзани со одредена политика. Тука е и процесот на декарбонизација, на користење на енергија без јаглен – сето тоа се политики кои се во интерес и на ЕУ и на Северна Македонија.

Овие неповратни средства нашата држава ќе ги добие како поддршка во грантови и проекти кои треба да го забрзаат економскиот развој и реформскиот капацитет. Според власта, овие средства се клучна алатка за поддршка на преговорите на Северна Македонија во наредниот седумгодишен период.

Најчитани вести