Работењето од дома за време на корона-кризата работниците го сфаќаат како позитивна промена, покажа една германска студија, објави Германската новинска агенција (ДПА).
„Вработените кои се префрлија на работа од дома за време на корона-кризата имаат помал стрес и се попродуктивни“, се вели во студијата спроведена од Институтот Форс и ИГЕС за компанијата за здравствено осигурување ДАК.
Пред појавата на пандемијата, 21% од анкетираните изјавиле дека биле под стрес, додека 15% го кажале истото за време на кризата.
Меѓу оние кои, пак, редовно работат од дома, 56 проценти рекле дека се чувствуваат попродуктивно дома отколку на работното место.
Понатамошните позитивни ефекти од работењето од дома се подобро усогласување на работата и семејството (две третини од испитаниците), а исто толку испитаници како особено позитивен ефект од работењето од дома го навеле тоа што не треба да патуваат до работа.
76,9 проценти од испитаниците изјавиле дека би сакале да ја задржат оваа форма на работа во иднина.
„Работата од дома не само што го намалува ризикот од зараза, туку е добра и за менталната рамнотежа“, рекол директорот на ДАК, Андреас Сторм, за ДПА.
Тој кажал дека треба да се направат напори да се избегнат негативните аспекти на работењето од дома.
Ова првенствено се однесува на проблемот со јасно разделување на приватниот и деловниот живот, што е наведено како проблем за помладите вработени на возраст меѓу 18 и 29 години.
Три четвртини од анкетираните како негативен го навеле фактот дека повеќе не ги гледаат своите колеги.
Владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) објави иницијатива за закон што ќе овозможи право на работа од дома. На ова силно се спротиставија здруженијата на работодавачи.
извор: Makfax