Русјаков

Циркус „Демократија“

28.06.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Циркус „Демократија“

Започна предизборната ковид-кампања и очигледно ќе биде „бомбастична“. Веќе сум ви пишал, јас не ги слушав ни оние „бомби“ кога го рушеа ВМРО-ДПМНЕ, ниту овие сега. Едноставно е. Тогаш знаев дека „бомбите“ се дел од специјалната војна против Македонија и македонскиот народ, сега знам дека не ми треба да чујам, какви криминалци се овие октроираниве на власт. А непријатно ми е да слушам туѓи разговори, така сум воспитан.

Патем имам исклучително богат сопствен живот. Не ми требаат туѓите. Исто така јасно ми е дека фрлениот камен најчесто те удира по глава и воопшто не ми е жал што тоа им се случува на социјалдемократите. На крајот на краиштата, тие извршија злосторство против човештвото преку идентитетски геноцид врз Македонија, за што е потребен нирнбершки процес. Кој секако нема да се случи во скоро време зашто, видете го светов, ене ја Гебелсовата пропаганда насекаде размавтана, уништува споменици и забранува хумористични серии, оти слободата е ропство, а цензурата демократија.
Затоа ќе пишувам малку за бројки и факти.

Многу ми е симпатично што СДСМ се однесуваат исто како ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски. Многу милуваат да се расфрлаат со бројки. Двете и педесет километри патишта. Петстотини евра плата. Триесет нови странски инвестиции. Разликата е во тоа што Груевски се расфрлаше со бројки на терен, пред изградени патишта и отворени фабрички погони. СДСМ тоа си го тера само на муабет, низ своите медиуми, па така нивните бројки ги има само во главите на „бањатите“. И овие веруваат.

Или едни други бројки. Груевски украде пет милијарди. Мијалков изнесе десет милијарди. ВМРО-ДПМНЕ ја ограби државата оштетувајќи ја за сто милијарди. Така се врескаше за време Грујово. Потоа СДСМ дојде на власт. И го судеше Груевски за неудрени шамари, ама па го осуди за купен „мерцедес“ во кој до скоро се возеше и Заев. Чудно, милијардите на Груевски никој не ги најде, а во меѓувреме Мијалков стана угледен бизнисмен.

За разлика од тогаш кога бројките беа фигуративни, ама реални, сега се транспарентни, ама невистинити. Ова секако по логиката на блескавите. Но, како и да е, си имаме три милиони, шест милиони, барајте ги парите кај Заеви, имам „пас“ од Зоки и така натаму.

Но Заеви не се фамилијата, туку угледно семејство. Ова пак нѐ води до следната споредба.

Пред само три години, нè отекоа со термините режим, хунта, диктатура и фашизам. Веднаш штом Западот ги октроира како јужноамериканска хунта, станаа режим што спроведе диктатура во која употребија фашистички методи за укинување на македонскиот идентитет. Ама па и ни донесоа нови орвеловски термини како блескавост, нова нормалност, угледни семејства.
Ова го научивме од судот и обвинителството.

Кои во време на Груевски и Мијалков беше вмроовско „сваровски“ судство. Потоа во свои раце го зеде Заев и го отвори како пупка. Направи сериозна реформа. Воведе нова нормалност. Не, не ги промени судиите и обвинителите. Тие си останаа истите „сваровски“ судии и обвинители, ама сега распупени, среде нова нормалност во која дознавме дека некои луѓе не се исти како нас, оти тие се од угледни семејства и непријатно е судот да им се меша во живот и скапи чанти полни пари од рекет. Па така, од „сваровски“ прејдовме во „нинџа“ судство.

А нинџите се знае, кога не си послушен, „трас, трас“.

Слични реформи видовме и кај полицијата. До пред само неколку години тоа беа едни режимски џандари на кои треба „Куманово да им се деси“. Тогаш, во тие страшни денови, полицијата најдиктаторски дремеше додека слободоумни луѓенца сквернавеа споменици. Се сеќавате ли како страшните полицајци ги гледаа попреку со своите грујовистички очи, сите оние шарени хипстери и шмизли додека кршеа излози и палеа канцеларии? Попреку, еј! Па такво страшно диктаторско гледање попреку не е запишано низ историјата на цивилизираниот свет.

Ама, за среќа, заврши диктатурата во која граѓанството луѓенца секојдневно беа стрелани по улици, па мртви носени во зандани каде ги измачуваа со најстрашни маки, за утредента да ги пуштат, само за да можат пак да ги стрелаат.
Веќе не е така. Сега кога излегува да протестира небањат народ што секако не е составен од граѓанство луѓенца, значи ако протестира против… што знам… кога власта најсилеџиски менува име и идентитет, на пример, доаѓа реформираната блескава полиција и најдемократски дроби од мавање, ама и цивилизирано сакати луѓе фрлајќи им шок бомби под нозе. Оти, тие луѓе не се луѓе, туку стока со влакна во носот која мисли дека името ќе им ги плаќа сметките.

И така стигаме до интелектуалната бижутерија. Оние бањатите. Намирисани и дотерани. Децата на Заев, ко што вели Зоќи.

Они знаеја дека промена на име е само во нашите небањати глави и дека тоа име никако не може да плати сметки. Патем ловеа режимски мегафони како мене. И кога конечно срушија власт со пенкало, мораше да се активира цела светска моќ и нивните пари за навистина да се сруши власта. Па, така, ловците на режимски мегафони, станаа владини советници и критичари на опозицијата и секој месец прославуваат добивање датум. Оти датум ти е како плата, стига секој месец и ти можеш да си ги плаќаш сметките со него.

Туку свесни ли сте вие дека петнаесет партии ни се нудат на избирачко ливче. Па ние бре имаме повеќе партии од САД. Повеќе кандидати за пратеници од Русија. Ама па што се САД и Русија во споредба со мегаломанската потреба на Македонецот да ни објасни дека само тој сè знае и може, само тој има решение и план како да го оправи светот? Тоа што не може да си зачува име и идентитет, ниту да си оправи сопственото буниште е неважна работа. Ние одиме на избори каде што половина Македонија се напикала по кандидатски листи за пратеници.

Јас да сум кинески милијардер, ќе си ја купам Македонија и ќе си отворам циркус „Демократија“ во кој два милиони самобендисани ликови мислат дека се генијалци и пратеници, па Кинезите ќе можат да нè гледаат, фотографираат и хранат со бана… со датуми. Знам, не ми е оригинална идејата. Ќе мора да барам франшиза од Соединетите Американски длабоки Држави и Европската Унија, оти нашиов циркус е нивна сопственост.

(Александар Русјаков, Нова Македонија)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата