ЈП депонија Дрисла-Скопје набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет, соопшти Град Скопје.

„ Со набавката на стерилизаторот се става крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето“ додаваат од градот.

Новиот стерилизатор е со капацитет од 2 000 литри и може за еден час да третира 350 кг отпад што ќе ги задоволува дневните потреби на депонијата. Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер кој го намалува до 80% неговиот волумен, со сува вакуум пумпа што ќе придонесе за заштеда на потрошувачката на вода и до 98%, како и систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината.

Како што најави Градоначалникот Шилегов на прес-конференцијата за враќањето на Дрисла на Град Скопје на почетокот од годинава, Дрисла после долго време на некомпетентност и негрижа во работењето од претходното раководство, денес ова јавно претпријатие полека, но сигурно станува санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот со целокупниот нејзин економски потенцијал ставен исклучиво во служба на граѓаните.

извор: Makfax

Најчитани вести