Скопјани може да аплицираат за субвенции за чистење оџаци

23.06.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Скопјани може да аплицираат за субвенции за чистење оџаци

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.

Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.

Досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени 56 барања од граѓаните, а јавниот повик ќе биде отворен до 30.11.2020 година, по принципот „прв дојден прв услужен“.

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, по донесување на решенијата за усвојување на барањата од градоначалникот на Град Скопје.

Право на учество на овој Јавен повик имаат жителите на град Скопје, како и правните лица кои имаат деловни објекти во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај, кои ќе го исчистат оџакот на своето живеалиште или деловен објект на територија Град Скопје кои ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок.

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за учество се исполнети, барателот до Градот Скопје треба да ги достави следните документи:

– Барање за надоместок (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk);

– Доказ за жителство во град Скопје: Фотокопија од важечка лична карта или пасош;

-Фотокопија од трансакциска сметка / жиро сметка;

– Доказ за правен субјект: Тековна состојба не постара од 6 месеци;

-Оригинал потврда за реализирано чистење на оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот, и

-Оригинал фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење на оџаци (шифра 81.22 согласно со Националната класификација на дејности).

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје бул.Илинден бр.82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата