Што е СПОРНО ЗА ПЕНДАРОВСКИ ВО ЗАКОНИТЕ за коридорите, ИМА РЕЗЕРВИ

27.05.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Што е СПОРНО ЗА ПЕНДАРОВСКИ ВО ЗАКОНИТЕ за коридорите, ИМА РЕЗЕРВИ

На претседателот Стево Пендаровски ќе му бидат потребни неколку дена, односно на неговиот  правен тим да ги разгледа измените на законите поврзани со коридорите 8 и 10д донесени вчера од Собранието.

Од кабинетот на претседателот за МИА велат дури потоа претседателот Пендаровски ќе излезе со став и ќе каже дали и кои укази ќе бидат потпишани. Во претходни изјави, претседателот на државата изрази резерви за најмалку два од петте закони кои вчера беа усвоени во Собранието.

Вчера попладне во кабинетот на претседателот пристигнаа законите. Во следните денови ќе бидат разгледани од претседателот и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани. Ќе треба неколку дена претседателот да ги разгледа со својот правен тим“, велат од кабинетот на претседателот.

Собранието вчера на продолжението на 115. седница ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со  63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка

Пендаровски претходно најави дека постои простор за негова блокада на неуставните одредби од законите за коридорите 8 и 10д, особено за законот за 60 часа работна недела согласно владиниот договор со „Бехтел и Енка“.

„Додека не ја видам конечната верзија на законите не можам да размислувам за вето. Овие осум закони, дел од нив во некои одредби се спорни“, изјави неодамна претседателот на државата Стево Пендаровски во интревју за ТВ Сител прашан дали ќе стави вето на измените на осумтте закони поврзани со изградбата на автопатиштата долж коридорите 8 и 10д.

За него најспорна се новите одредби за работното време на работниците.

„Ова е најспорно и мене ме зачудува зошто таква одредба е ставена. Може нема да издржи до крај, меѓутоа видовме вчера и затоа немаме потврда дали договорот меѓу Владата и ‘Бехтел и Енка’ е навистина потпишан со тие клаузули ‘ако не се овозможи шеесетчасовна недела во тој и тој рок’ дека ќе има пенали кои се милионски во евра. Ме чуди затоа што Уставниот суд има донесено одлука пред неколку месеци во која вели дека ‘работна недела подолга од 40’, по исклучоци може само осум часа да работиш, е неуставна. И сега тоа да го ставаш повторно во закон за кој знаеш дека е сигурно неуставен, односно одредбата е неуставна и за тоа ако не го исполниш да платиш педесетина милиони евра… Тоа е прилично неодговорно“, рече тогаш претседателот.

„Невозможно е да определите нешто надвор од Устав. И покрај филибастерингот кој гледам дека се случува од страна на некои опозициски партии, постои и друг начин со аргументи да се убедиме дека тоа треба да се повлече како одредба“, рече Пендаровски.

Според Пендаровски, спорна е и одредбата од измените на Законот за експропријација со која се прави обид да се поништи двостепеноста што е уставно загарантирана категорија. И тука, вели тој, доколку граѓанин добие во втор степен спор за експропријација на имот, пеналите треба да ги плати државата.

„Такви одредби има и предлагам сите пратеници, особено оние кои го предлагаат, добро да ги погледаат“, апелираше шефот на државата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата