Граѓаните немаат пристап до универзална заштита за репродуктивното здравје, истакнаа Македонската асоцијата на гинеколози и опстетричари (МАГО) и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување на денешната конференција за печат, организирана по повод 26 септември – Светскиот ден на контрацепцијата и 28 септември – Светскиот ден на безбедниот абортус. Со нивно одбележување го свртуваме вниманието кон заштитата на сексуалното и репродуктивното здравје, а особено кон репродуктивната слобода на жените во земјава.
Дури 36 % од момчињата и 3 % од девојчињата на 15-годишна возраст веќе имале сексуално искуство. Заштитениот сексуален однос е пракса кај само 20 % од девојчињата и 62 % од момчињата меѓу албанското население и кај 64 % од момчињата и 52 % од девојчињата меѓу македонското население. Од младите парови до 29-годишна возраст, само 12,8 % користат модерно контрацептивно средство. Како последица, стапката на тинејџерска бременост кај нас е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија.
И покрај овие алармантни податоци, ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на Позитивната листа на лекови. Од друга страна, иако буџетот за бесплатна модерна контрацепција за девојки и жени во ранливи ситуации предвиден со Превентивната програма за мајки и деца се зголеми од 100 илјади денари во 2022 година на 500 илади денари годинава, бесплатна контрацепција добиваат само жените кои живеат во Скопје и тоа само преку Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК).
„Неопходно е да се обезбеди пристапност за сите луѓе до нивниот посакуван метод на контрацепција и до безбеден метод за прекин на бременоста ако сакаме сите луѓе да можат да ги остваруваат своите човекови права. Тука спаѓаат правото на живот и слобода, правото на здравје, правото на мислење, изразување и избор, како и правото на образование и работа“, истакна проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО.
Кон важноста од воспоставување образование за сексуалното и репродуктивното здравје се осврна Дрита Исени, претседателка на Комисијата за еднакви можности на Општина Центар, посочувајќи дека тоа е неопходно ако сакаме здрава младина и намален број на малолетничките бремености.
И покрај тоа што годинава државата конечно обезбеди пристап до проверени информации за контрацептивните средства преку двојазичната веб-страница https://kontracepcija.mk што ја изработија Институтот за јавно здравје и ХЕРА, сепак државните политики и државните средства за покривање на контрацепцијата се незначителни. Ова го потврдува и Европскиот атлас на контрацепција[2], според кој нашата држава е оценета со само 46,9 % и котира меѓу земјите во светлоцрвена боја, заедно со земји како Грција, Хрватска, Црна Гора, Русија, Белорусија, Турција и Унгарија.
Кога станува збор за безбедниот абортус, во текот на 2022 и 2023 година МАГО и ХЕРА обучија 100 гинеколози за примена на медикаментозниот абортус (абортус со лекови) кој претставува многу поедноставна процедура за прекин на бременоста од хируршкиот, поради што со лекови се изведуваат дури 80 % од абортусите во Европа.
„Од 2020 година државата обезбедува пари преку Програмата за мајки и деца за набавка на лековите за медикаментозен абортус, но количината е недоволна. И покрај тоа што и кај нас медикаментозниот абортус многу повеќе се бара отколку хируршкиот, пристапот до оваа здравствена услуга е отежнат бидејќи овие лекови не се регистрирани во земјата, па УГАК ги набавува единствено преку интервентен увоз. Овој процес може да трае долго поради тоа што мора да биде во согласност со планот за јавни набавки кој подразбира низа административни процедури. Ова, пак, ја доведува во прашања достапноста на медикаментозниот абортус кој може да се спроведе само до 12-та недела од бременоста“, истакна Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА.