Во однос на мостот „Беласица“ и безбедноста за негово користење, имам излезено со многу изјави. Сметам дека мојот став во однос на потребата од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е наполно јасна, вели деканот на Градежен факултет Горан Марковски кој посочи дека немаат добиено никакви информации врз основа на што мостот „Беласица“ е ставен во делумна употреба.
Марковски вели дека заради тоа што нема подетални информации, не може да даде прецизна изјава дали мостот е безбеден за сообраќај или не.
Ниту јас, ниту Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово пуштање, односно негово делумно пуштање во употреба“, рече Марковски, прашан за состојбата на мостот, на денешната конференција по повод 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции“.
Инаку, мостот „Беласица“, во мај годинава, гореше, односно се запалија цевките кои вршат пренос на топлинска енергија под него, а конструкцијата на мостот беше изложена на висока тепмература подолго време. Веднаш по гасењето на пожарот, мостот беше вон употреба, а неколку месеци се вршеа испитувања за да се открие дали има оштетувања, кои може да наштетат на статиката на мостот.
Град Скопје во септември го отвори мостот за сообраќај само за „лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ“.
Тие се повикаа на експертски извештај, според кој било утврдено е дека истиот „нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот“.
Од извештајот констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија, соопштија од Град Скопје.