Кочани подолг период располага само со една црква, храмот „Свети Вел. Георги“, лоциран во центарот на градот. За време на поголемите христијански празници, оваа црква е претесна да ги прими православните верници што ја посетуваат.
Од тие причини, изградбата на уште една црква би била од голема корист за задоволување на потребите на верниците.
- Почнавме со работа за довршување на овој, да речеме, велелепен храм, кој ќе биде од многу голема корист за граѓаните овој дел на градот, ќе биде божји дом, дом за молитва. Моментално се работи на надворешниот дел од црквата, работиме на фасадата. Во план е средување на дворното место, правење на камбанарија, работни простории, свеќарници, продавница за свеќи, изјави отец Гоце Ефтимов од храмот „Св. Вмч. Георгиј“.
Тој упати апел до сите сограѓани што можат да донираат, без разлика дали тоа ќе бидат материјални средства или градежен материјал, работна рака, мајстори... за, како што рече „ да може побрзо да ја звршиме доизградбата на овој храм и да го пуштиме во употреба“.
Црквата „Преображение на Господ Исус Христос“ е започната да се гради во 2006 година, а во 2021 - та со поддршката на верниците беше доведена до карабина. Располага со површина од 364 квадратни меетри и галерија за црковен хор. Во февруари 2020 година, за време на празникот Свети три светители е поставен и осветен крст на куполата на црквата.
Сега објектот влегува во фаза на финална изработка на надворешниот дел, по што ќе следува внатрешното уредување и сликање на фрескоживописот.