Властите во делот од Кашмир, контролиран од Пакистан, ги повикаа луѓето да се снабдат со храна

2.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Властите во делот од Кашмир, контролиран од Пакистан, ги повикаа луѓето да се снабдат со храна

Властите во делот од Кашмир, контролиран од Пакистан, денеска ги повикаа жителите да се снабдат со храна „за два месеци“ и рекоа дека ги зголемуваат залихите во селата долж границата со делот, кој е под контрола на Индија, во услови на зголемени тензии меѓу двата соседа. 

Апелот дојде откако индиската армија соопшти за размена на огнот осма ноќ по ред долж таканаречената „Линија на контрола“ долж 770 километри во спорниот регион меѓу воените единици на двете нуклеарни сили. 

„На жителите во 13 области им е наложено да се снабдат со храна за два месеци. Регионалната влада, исто така, ослободи средства од својот „фонд за итни случаи“ од една милијарда рупии (над три милиони евра) за да се обезбеди испорака на храна, лекови и други основни добра во овие области“, рече премиерот на пакистанскиот дел на Кашмир, Чаудри Анвар ул Хак.  

Ул Хак, исто така, рече дека е распоредена приватна и владина опрема „за одржување на патиштата“ долж „Линијата на контрола“. 

Нападот на 22 април во индискиот дел од Кашмир, во кој беа убиени 26 туристи, ја зголеми опасноста од нова ерупција на тензии меѓу двата традиционално сопернички соседи. Делхи го смета Исламабад за одговорен за нападот, што Пакистан го негира. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата