Кралот на портретот е претставен во официјална државничка облека, со кралска мантија, додека на масата до него стои круната. Кралицата, пак, е насликана во фустанот што го носеше на свеченото крунисување, исто така, со круна крај неа.
Портретите официјално ги открија самите крал и кралица на Велика Британија, при посетата на лондонската Национална галерија. Таму портретите ќе бидат изложени еден месец, по што ќе бидат префрлени во Бакингемската палата, се вели во официјалното соопштение од палатата.
Во времето кога се работеле портретите, кралот се лекуваше од рак. Болеста му беше дијагностицирана лани во јануари.
Кралот Чарлс Трети беше крунисан на 6 мај 2023 година.
Инаку, на 9 април, во Рим, Италија, Чарлс и Камила ја прославија 20-годишнината од бракот. А, нивниот брак, по контроверзната врска, мораше да надмине „огромни уставни, политички, религиозни и - да не зборуваме за семејните пречки“, како што вели познавачот на приликите во кралското семејство, Ричард Фицвилијамс.
Кралицата Елизабета Втора не присуствуваше на граѓанската венчавка во Градското собрание во Виндзор, каде што имаше околу 30 гости на 9 април 2005 година. Но, таа присуствуваше на брачниот благослов во капелата на замокот и приреди прием за младенците. Тогаш, во својата наздравица, сега покојната кралица призна дека нејзиниот син ги надминал „страшните пречки“ за да се ожени со жената што ја сака и нагласи дека е „многу горда“ на него.