Тампере и Дубровник избрани за европска престолнина и зелен пионер на паметниот туризам за 2026 година

20.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Тампере и Дубровник избрани за европска престолнина и зелен пионер на паметниот туризам за 2026 година

Тампере и Дубровник се избрани од страна на Европско жири во конкуренција на 58 туристички дестинации од 22 земји, кои се пријавија за учество на натпреварот, во чии рамки кандидатите се оценуваат според четири критериуми - пристапност, одржливост, дигитализација и културно наследство. 

Како што се наведува во образложението на наградата, Тампере е избран за европска престолнина на паметниот туризам поради своите иновативни практики и високи оценки во сите четири категории.  

- Градот ги спојува пристапната култура, заштитата на наследството и природата, додека е посветен на тоа да стане јаглеродно неутрален до 2030 година. Опкружен со езера и природа, Тампере ги охрабрува посетителите и локалното население да ги доживеат неговите прекрасни пејзажи без бариери, се наведува во образложените. 

Во него се додава дека финскиот град ја отвори својата прва инклузивна плажа на езерото Пихајарви, создавајќи четири патеки во природата без бариери, со водичи и информации за рутите, а дополнително услугата за превоз со шатл-автобус во националните паркови гарантира лесен пристап до природата. 

- Дубровник го импресионираше жирито со својот пионерски пристап кон одржливоста и својот потенцијал да послужи како модел за други дестинации. Градот обезбедува одржлив раст на туризмот, а воедно го заштитува историскиот центар со иновативни мерки, како што е ограничување на бројот на дневни посетители на 4.500 и тесната соработка со локалната заедница во проектот „Почитувајте го градот“, се додава во образложените за доделување на титулата европски зелен пионер на паметниот туризам на Дубровник. 

По повод прогласувањето на лауреатите за 2026 година, еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас изјави дека туризмот е еден од најдинамичните сектори во Европа и камен-темелник на европскиот културен и економски идентитет.  

- Со инвестирање во одржливост и дигитални иновации, ние осигуруваме дека Европа останува не само водечка, туку и најодговорна туристичка дестинација во светот. Овогодишните победници ја отелотворуваат оваа амбиција, поставувајќи висок стандард за попаметен, поодржлив и поинклузивен туризам низ целата наша Унија, додаде Ѕиѕикостас.  

За тековната 2025 година, европска престолнина на паметниот туризам е италијанскиот град Торино, а европски зелен пионер е шпанскиот Бенидорм. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата