Најважно е родителите на своите деца да им објаснат како треба да се однесуваат, а еве кои малолетници се најзагрозени.
Сè почесто на вестите слушаме информации за грабнување на дете, па важно е секој родител да го запознае своето дете со опасностите на кои се изложени од разни страни.
Според стручните лица, киднапирањето по правило скоро секогаш се случува по слично сценарио, при што најважно за грабнувачот е во најкраток можен рок да стекне доверба кај децата за тие доброволно да тргнат со нив. Киднаперите имаат разработена техника која се сведува на доброто познавање на детската психологија, при што во најголем број случаи се покажала ефикасна.
Правила на кои родителите мора да ги научат своите деца:
Научи да кажеш „не“!
Да умее да каже јасно и гласно „не“, да разговара за своите проблеми со некој кој навистина може да помогне – тоа се вештини од животна важност кои треба да му се влеат на детето за да ги користи во која било ситуација што ја загрозува неговата безбедност. Детето може да ги избегне неволјите ако точно знае што треба да направи кога ќе се најде во опасна ситуација.
Не разговарај со непознати!
Криминалците честопати ја користат детската доверба. Научете го детето дека не смее да разговара со непознати и никако да не ги прифаќа нивните понуди и повици (на пример, да види некое животно, да ја игра омилената игра, да оди во продавница за слатки, сладолед, или играчки, или да тргне со непознато лице кај мајка си, кај својот татко, баба... ). Објаснете им на децата дека криминалците се преправаат дека се љубезни, нежни и сочувствителни.
Сети се што ти кажаа мама и тато
Научете го детето да ја препознае опасната ситуација и како да се извлече од неа.
Прво: треба да сфати дека педофилите не ги фаќаат децата за рака и не ги одвлекуваат на сила на места каде што нема луѓе. Во 99% од случаите детето доброволно тргнува со педофилот, одушевено со некоја примамлива понуда.
Второ: на детето можете да му закачите од глава до пети антени, но тоа нема да го спаси од злосторот (само ќе помогне да се најде виновникот). Можете, во најразбирлива форма за него, да му објасните да постојат лоши луѓе кои крадат деца...
Трето: Нема ништо поефикасно од обичното информирање на детето за можните опасности. Нашите родители го правеа токму тоа.
Објаснете му детално на детето дека нормален возрасен човек нема што да бара од него, бидејќи на возрасен нормален човек не му треба ништо од дете. Ако непознат чичко или тетка го повикаат да тргне со нив – тие 100% се киднапери на деца.
Киднапирањето на деца е сè поприсутно. Еве примери на дијалог што ги смислуваат киднаперите на деца според еден портал:
-Девојче, во една кутија има мачиња без мајка. Сакам да ти ги покажам колку се слатки. Може да земеш едно ако сакаш.
-Здраво деца! Сакате да ви покажам слика од моето зајаче? Видете, вистинско зајаче. Дојдете со мене, ќе ви дозволам да си поиграте.
-Сакаш сладолед? Имам полн фрижидер. Ми беа на гости внуците, но мораа да заминат, а сладоледот ќе им се стопеше во торбата ако го земеа. И сега не знам што да правам, жал ми е да го фрлам. Сакаш да ти го дадам?
- Девојче (дечко) – довикува непознат човек од автомобил – како да дојдам до таа и таа улица? Вртам овде два часа и сите ми покажуваат дека е натаму. Одам таму, ми кажуваат друг правец. Како да си играат мајтап. Може да влезеш и да ми покажеш, те молам! Ќе ти дадам 1000 денари и ќе те вратам назад. Не плаши се, влези...
А, еве еден потенцијален пример со кој киднаперите се служат:
-Момче, како се викаш? – му се обраќа непознат човек од автомобил.
-Јас? Марко. Зошто?
- Конечно те најдов! Лутам неколку часа. Комшиите ме замолија итно да те најдам и да те однесам во болница. На мајка ти не ѝ е добро. Влези, ќе одиме кај неа.
-Тато веќе е во болница? – детето може да постави разни прашања кои би требало да ја прецизираат ситуацијата, но тоа не го прави од недоверба, туку механички.
-Марко, не знам. Не ги познавам твоите. Јас сум пријател на вашите комшии од петти кат. Чичко Петар и тетка Марија, сигурно ги познаваш. Тие ме испратија мене и други луѓе да помогнат. Те бараме низ цело маало. Нема многу време, влези, ќе ти објаснам по пат.
Ефикасноста на последнава техника се заснова на основните својства на човечката психологија – во стресни ситуации човекот не може правилно да ја оцени ситуацијата и не е способен да размислува логично. Киднаперите може да смислат многу варијанти на овие разговори, но во основа секогаш се работи за маче, куче, сладолед, брзи пари или „ги познавам твоите родители“. Наведете му ги сите овие примери на детето, детално објаснете му дека нема причина да наседнува на провокацијата.
Како треба да се однесува детето?
Во ситуациите кога киднаперот ќе му пријде на детето, тоа веднаш треба да се тргне и да се оддалечи од лицето и да отиде таму каде што има луѓе.
Само преку детален разговор со вашето дете, го намалувате ризикот за неколку десетици пати детето да биде грабнато и да ги сноси последиците. Имајте предвид една работа, во случај на деца до 3 години, во принцип е подобро да се исклучи секаква веројатност за средба еден на еден со непознато лице. На оваа возраст кај децата се формира основна доверба во луѓето, а опозицијата „добро-лошо“ сè уште не постои. Кај деца на возраст од 3 до 5 години може врз основа на бајки да им се каже дека е опасно да разговараат со непознати. Типичен пример е приказната за „Волкот и седумте јариња“.
Од 5-тата година децата веќе може да разграничат круг на познаници и семејни пријатели. Познаници се колеги од работа на мама и тато, соседи. За детето тие треба да се исто што и непознати - со нив не се оди никаде. За на детето да му биде појасно, наведете му конкретни луѓе со кои тоа може да оди каде било. Тоа се баби, дедовци, тетки, вујковци, стриковци и останати блиски роднини.
Исто така, корисно е да му објасните на детето дека во светот постојат разни луѓе – и добри и лоши. А, понекогаш на прв поглед не е јасно каков е човекот пред вас. Наведете му пример на ликови од бајките.